Кабуки - Сите тајни на јапонскиот театар
Кабуки е вид традиционален јапонски театар создаден во 16 век. Зборот кабуки претставува: Ка-пеење, Бу-танц и Ки-вештина.
Создавањето на овој магичен театар се поврзува со 1596 година, кога Шинтоистичката свештеничка Окуни го извела својот танц. Овој танц станал популарен и брзо се проширил меѓу девојките кои почнале да се собираат околу неа и да ја имитираат.
Танцот постепено добил сосема поинаква конотација, a довел до масовни тепачки и нарушување на јавниот ред, поради што владата решила да го забрани. Од тој момент започнала новата фаза на кабуки, во кој главните улоги ги преземале мажите.
Улогите можеле да ги добијат само постарите мажи. Актерите, специјализирани за женските улоги, се нарекувале онагате и биле големи ѕвезди во Јапонија. Драмата и карактеризацијата на ликовите стануваат центарот на вниманието.
Темите што најчесто се обработувале биле историските настани, како и моралните и љубовните конфликти.
Основната техника на театарот кабуки е техника арагато, односно техника на претерување. Оваа техника укажува на моќта на херојот или на злото на негативецот.
Прикажана е со екстремни костуми, дијалог и движење. Карактеристично за оваа техника е мирната поза на актерот, со која се постигнува тензија.
Учењето се пренесувало од таткото на синот, а подготовките почнувале многу рано, од петтата година. Најистакнатите актери доаѓале од семејството Утаемон, кое било запаметено по нивната екстремна посветеност на женските улоги, до тој степен што дури и надвор од театарот се обидувале да ги имитираат жените.
Интересно е што актерите во кабуки претставите никогаш не се допираат, дури ни во љубовните сцени или сцени на убиства. Друга важна карактеристика на актерот била неговиот глас, кој требало да биде монотон и бавен, проследен со традиционални инструменти.
Играта е јадрото на театарот кабуки. Актерите преку мимика и движење ги изразуваат мислите и чувствата.
Костимот на актерите е составен од неколку слоеви кимоно и тежи до неколку килограми. Промената на костимот се изведува на сцената, пред публиката, за да ја покаже промената на расположението.
За создавање на синергија помеѓу умот и движењата музичките ефекти имаат клучна улога. Еден од најважните елементи е инструментот со три жици, шамисен, со кој се придружува нараторот. Покрај шамисенот се користат флејти, гонгови, тапани и ѕвона.
Боите се, исто така, важен елемент во претставата. Прво се нанесува белата боја на лицето, а потоа се цртаат разнобојни линии. Женските ликови имаат бело лице со суптилна розова шминка околу очите, црвената се користи за негативците, сината за духовите, а кафеавата за прикажување на фармери и сточари.
Кабуки театар претставува посебен јапонски концепт за природата како уметност. Уметноста не е украсување, туку секојдневниот живот, а експресија на овие чувства е содржана во кабукито.
Театарската традиција е зачувана и денес, а најпознатиот театар е Кабукиза во Токио.
https://www.youtube.com/watch?v=4JjLuh4Ns7s
Ашера | Црнобело