Јавниот автобус не е ресторан - 6 правила кои Македонците уживаат да ги кршат во градскиот јавен превоз
Возењето со јавниот превоз може да биде навистина непријатно искуство. И во јавните автобуси постојат правила на добро однесување, бон-тон на кој многумина забораваме.
Кои правила Македонците уживаат да ги кршат додека се возат во градскиот јавен превоз?
Пред влез во автобусот, треба да се пропуштат прво патниците кои се симнуваат
Сведоци сме на неверојатни турканици и буткања во автобусот. Желбата да се качиме побрзо во автобусот не се остварува со тоа што ги буткаме оние кои треба да се симнат. Сите ќе се симнете и сите ќе се качите, не кревајте непотребно паника.
Седиштата се за луѓе, а не за…
… кромид, праз, магдонос, ќеси, куфери, ранци, кутии. Доколку сте во полупразен автобус, во ред е да ја ставите својата торба на празното седиште до вас.
Во спротивно, кога владее целосен хаос во автобусот, а патниците се принудени да стојат само затоа што вие имате „паркирано“ саксиско цвеќе на седиштето до вас, тоа ве прави невоспитани луѓе.
Гласните разговори треба да се избегнуваат
Колку пати сте се возеле поспани рано наутро или целосно исцрпени после работа, додека некој од патниците решил да си го раскаже животот од А до Ш на целиот глас?
Или можеби сте налетале на група разџагорени патници кои не умеат да замолчат? Доколку ова ве иритира, не грижете се, имате сосема природна реакција. Во јавниот превоз треба да се има обѕири кон другите и да се зборува ненападно и тивко.
Јавниот автобус не е ресторан
Во поголемиот број на автобуси, јадењето е забрането. Нормално, сите посегнуваме по бонбонче, парче чоколадо или вода и тоа речиси никому не му пречи.
Но, кога вадите хамбургер, пица или бурек во автобусот, отворате јогурт или консумирате друг тип на исклучително ароматична храна, имајте предвид дека на другите патници тоа им пречи и им создава мачнина. Ваквите видови на храна сепак зачувајте ги за јадење во сопственото возило.
Покривање на устата при кивање и кашлање
Никој не сака да дојде во допир со туѓите бактерии, особено додека сопатникот кива или кашла. Особено во месеците кога царуваат вирози и грипови, сосема нормално е додека кивате или кашлате да ја ставите раката на устата. Ова секако не се однесува само за јавниот превоз, правилото важи секаде.
Вадење на ранецот или чантата од грбот додека стоите
Ова е правило на добро однесување на кое многумина забораваат додека се возат во градскиот автобус. Како очекувате во најголемата турканица некој да помине покрај вас додека го блокирате патот со ранецот или чантата на грбот? Потребно е да ги симнете и да ги држите в раце, блиску до вас.
(О)Милена | Црнобело