Пусти Македончиња, ќе си ги ископаме очите за политика
Во последно време сите се преокупрани со она што се случува наоколу во реалниот свет, а воедно е главна тема на разговор на сите програми на телевизија - изборите и разно разните препукувања околу нив.
Колку и да се обидуваш да останеш изолиран, не можеш, бидејќи се некако ќе се најдеш во таа врела каша која полека клокотка.
Не ме сфаќајте погрешно, немам намера да бранам нечија страна или да се залагам за нечии идеали тука, она што ми пречи и она што ме боли како човек е раздорот кој го гледам помеѓу луѓето.
Млад сум, ако грешам слободно поправете ме, но дали има смисла да си ги копате очите едни на други користејќи валкани епитети кои си ги прилепувате на секој кој мисли спротивно од она што вие го имате зацртано во вашата глава?
Зарем не сфаќате дека дебатите кои се водат околу политика на родендени, слави, кафе разговори се апсолутно бесцелни?
Според она што ми вели моето рационално размислување, јас сметам дека секој еден кој ги навршил годините за да може да го оствари своето гласачко право има мозок во кој по некоја причина има сплет на најразноразни мисли, кои него ќе го натераат да заокружи одредена бројка на самиот ден на толку зборуваните избори.
Дали вие мислите дека тоа можете да го промените и да го натерате оној кој според свои замисли верува во нешто, да верува во нешто друго?
Дали вреди да се води дискусија и расправа околу тоа, бидејќи тоа е исто како да и објаснувате на вашата жена дека штиклите не вредат за тие пари, но ако неа навистина и се допаѓаат, таа секако ќе ги купи.
Нема потреба секој ден од вашето живеење да настојувате да влегувате во такви кавги, изборите се само еден ден од вкупно 365 дена што ги има во годината, зарем вреди да се трошат толку зборови за еден ден? Па ми се чини дека ни за Нова Година не се дебатира толку многу.
Бидете луѓе, бидете добри едни со други, без разлика дали сте на истата страна од тој вжештен оган или не. Не користете погрдни зборови едни на други, почитувајте се и сакајте се, не дозволувајте политиката да внесе раздор во вашите односи со луѓето.
Имајте сопствен став и не дозволувајте тој да биде променет, но не очекувајте сите да се согласат или да го прифатат. Борете се за сопствените убедувања, но почитувајте го оној кој мисли поинаку.
Бидете луѓе и не дозволувајте таа еуфорија да ве натера да се однесувате недолично користејќи зборови и фрази кои не доликуваат на вашата интелигенција. Што би рекла познатата водителка и стенд ап комичар, Елен, без разлика на сѐ бидете фини еден со друг.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело