5 причини зошто уште денес да го оставите смартфонот дома
Како и мнозинството луѓе во светот, така веројатно и вие сте зависни од вашиот паметен телефон. Секаде си го носите со себе, секогаш знаете какво ќе биде времето, кога ќе ви пристигне важен мејл, што се случува на социјалните мрежи...
Но, телефонот колку е корисен, толку подеднакво е и штетен.
Токму затоа, понекогаш подобро е малку да заборавите на него и да го оставите дома. На пример, кога сте некаде на прошетка, некаде излезени со пријателите, викенд...
5 причини зошто, барем за кратко, да го оставите мобилниот телефон дома:
1. Помалку одвлекување на вниманието
Да бидеме искрени, кога телефонот цело време ви вибрира или титка со некакви информации, морате да прекинете, барем за момент што и да правите, за да го проверите телефонот. Ако го оставите на маса дома и излезете на прошетка со пријателите, целото ваше внимание ќе им биде посветено на нив.
2. Мир и тишина
Истите тие вибрации и звуци, постојано вознемируваат. Во најмала рака, не само што ви го одземаат вниманието, туку и ги нарушуваат мирот и тишината. Замислете барем еден час кој ќе го поминете во уживање, без да мислите на телефонот, туку само да се препуштите на мирисите и звуците од средината.
3. Ќе се поврзете со луѓето
Откако се појавија апликации како Снепчет, Инстаграм и Фејсбук, луѓето повеќе не се гледаат очи во очи. Повеќе не се поврзуваат на истото интимно ниво како порано, преку говорот на телото. Сега, замислете барем еден час од денот кога седите со пријателите, пиете кафе, ги гледате во очи не го прекинувате разговорот за да го проверите телефонот.
4. Изострени сетила
Ако сте зависни од Инстаграм, тогаш голема е веројатноста дека пред да уживате во храната пред вас, морате да ја фотографирате и да ја објавите на оваа социјална мрежа. Така, не уживате во топлиот оброк, во мирисите, во изгледот на храната. Ако заборавите на телефонот, сетилата ќе ви се изострат бидејќи ќе бидете тука, присутни во моментот.
5. Мистериозни се
Не мора секојпат кога одите на маникир да се „чекирате“ за сите да знаат. Не мора секојпат кога ќе отидете во омиленото кафуле да се „чекирате“ за сите да знаат дека повторно сте таму. Едноставно, понекогаш е многу подобро да бидете мистериозни.
Н. Г. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





