Тор, Спајдермен, Дердевил: Кои се 10-те најпознати супер-херои на Марвел стриповите?
Експанзијата на акциони филмови со супер-херои во последните десетина години, предизвика вистинска мешаница во нашите глави, особено за оние кои не читаат многу стрипови, а сепак ги сакаат филмските верзии, каде што стрип-ликовите оживуваат на големото платно.
Човекот на кого треба да му се заблагодариме за креирањето на легендарните ликови, кои се издаваат под „капата“ на Марвел е Стен Ли, 93-годишен автор, продуцент и издавач од Њујорк.
Неговата безгранична имагинација ја трaнсформираше Марвел франшизата во една од најмоќните на денешницата, која во 2009-та година беше откупена од страна на Волт Дизни студиото, за неверојатни $4,2 милијарди долари.
Ова се 10-те најпознати Марвел супер-херои:
Spider-Man
Средношколецот Питер Паркер е каснат од радиоактивен пајак, поради што се здобива со неверојатна брзина, сила и пајакови моќи.
Со помош на пајаковата мрежа која ја испушта од рачните зглобови, Спајдермен може да се искачи секаде каде што ќе посака, има суперчовечка сила и е од прилика 15 пати поподвижен со своите акробатски способности отколку обичниот човек.
Питер во реалниот живот е истакнат научник, пронаоѓач и фотограф.
The Hulk
Д-р Брус Банер доживува експлозија при која е изложен на гама-радиоактивни зраци, додека се обидува да спаси тинејџер. Тој се трансформира во Хулк, огромно зелено суштество. Неговиот бес ја храни неговата големина, колку е погневен, толку расте поголем.
Поседува неверојатна физичка сила, а поради големината може да поминува и да скока на огромни далечини, како и да трча со неверојатна брзина. Хулк е отпорен на екстремни температури, контрола на умот, нуклеарни експлозии, отров и сите болести.
Thor
Нордискиот бог на грмотевицата и молњата Тор Одинсон е мускулест, прилично паметен и емпатичен супер-херој, чие главно орижје е неговиот огромен чекан Мјолнир. Верува во идеали и никогаш не запира во борбата за правда.
Поседува огромна сила, отпорен на повреди, со коски неколкупати погусти отколку нормално, Тор е трениран воин со едно од најмоќните оружја во раката.
Iron Man
Железниот човек е всушност милијардерот Тони Старк, моќен индустријалец со генијален ум, кој ќе го дизајнира својот борбен оклоп, откако ќе биде заробен од страна на непријателска група и ќе успее да избега со помош на истиот.
Iron Man нема никакви специјални или надчовечки моќи, освен својата генијалност, финансиските ресурси и неговата способност за бизнис. Тој е иноватор на напредни оружја и оклопи, со кои го прави светот побезбедно место.
Luke Cage
Карл Лукас, кој подоцна си го сменил името во Лук Кејџ поседува неверојатна сила, со која може да крене 25 тона во една рака и има кожа како челична обвивка; не може да го повредат куршуми, ниту најострото сечило.
Единствено специјален медицински ласер може да ја пробие кожата на Лук Кејџ, кој ќе го употребат за време на една негова операција.
Отпорен на температурни разлики и електрични шокови, Лук може да закрепне трипати побрзо после траума и повреда, наспрема вообичаеното потребно време.
Daredevil
Мет Мурдок е црвениот ѓавол од Hell’s Kitchen. Напуштен од неговата мајка, живее само со неговиот татко кој е боксер-аматер во улични борби, и како мал доживува несреќа поради истурање на опасна хемиска супстанца, од која целосно ослепува.
Меѓутоа, за сметка на неговиот вид, сите други 4 сетила му се целосно изострени и со специјален тренинг, Дердевил ќе прерасне во супер-херој и заштнитник на послабите, со одлични борбени вештини и способност да се движи каде и да посака, без оглед на одземениот вид. Тој е брз, со одлични гимнастички и акробатски вештини.
Wolverine
Можеби најинтересниот од сите Марвел ликови, Вулверин се одликува со способност за брза регенерација од каква и да било повреда. Тој е практично неуништлив, факт за кој се погрижила тајна канадска организација, која вршела бројни експерименти врз него, претворајќи го во супер-оружје. Вулверин има некршлив скелет и канџи кои излегуваат од неговите раце. Тие се неговото главно оружје, покрај супер-силата.
Captain America
Со помош на експериментален серум и Вита-Реј третманот, војникот Стив Роџерс се трансформира во омилениот американски супер-херој, Капетанот Америка, во текот на Втората светска војна.
Костимот кој го носи ги содржи мотивите на американското знаме, а главното оружје е неговиот непробоен штит изработен од експериментална легура од челик и фиктивниот хемиски елемент вибраниум.
Капетан Америка поседува комбинација од многу супер-моќи: сила, издржливост, брзи рефлекси, подвижност и брзо заздравување. Неговото тело самостојно го обновува серумот кој му помогнал во трансформацијата, што значи дека не исчезнува од организмот.
Captain Marvel
Керол Данверс е искусен пилот и одлично умее да се снајде во борба еден на еден, без никакво оружје. Има зголемена сила, истрајност во исцрпувачки борби и способност да „пука“ со снопови енергија во вид на ласер од нејзините раце.
Black Widow
Вистинското име на Црната вдовица е Наталија Романова, експертски шпион, атлетичарка и платен убиец.
Тренирана уште од мала возраст од страна на Red Room Academy во состав на руското KGB, таа на почетокот е непријател на Avengers, сè додека не стане нивен сојузник и пријател.
Огнената црвенокоса е храбра, бестрашна и исклучително опасна.
(О)Милена | Црнобело
Би можело да ве интересира:





