Лесно е да заминеш, тешко е да се вратиш!
Ова е текст во кој ќе се пронајде секоја млада личност која тргнала на патот кон остварување на своите соништа и која за првпат го вкусува големото јаболкото наречено свет.
Слушалките во моите уши, ја слушам песната која ми ги попречува мислите. Седам на почетокот од автобусот загледана во далечините кои наскоро ќе ги дофатам.
Тој почеток како да се вклопува во ритамот на музиката, а басот го одбележува чукањето на моето срце кое станува сè посилно.
Ме потсетува дека скоро го достигнав тоа што го посакував, ми дава сила, ми дава храброст и ме плаши. Тоа е оној позитивен страв кој ти го обзема срцето и ти го полни со среќа, а ти истовремено се плашиш да не ти препукне.
Не забележував никој околу себе, ниту покрај себе, ниту зад себе, се гледав само јас, јас во одразот на стаклото кое како да ја рефлектираше мојата радост во светлина која ми ги заслепуваше очите, но јас не се откажав.
Ги напрегав очите сè повеќе и повеќе. Успеав да ги видам далечините и да ги дофатам. Успеав да си докажам дека можам.
Јас можам!
Сè што ќе посакам можам да остварам. Цената не беше висока.
Не бев тажна што заминувам. Сигурна сум дека никој не бил тажен кога заминувал на пат кон остварување на своите соништа.
Можеби зад мене ги оставив семејството и пријателите, секојдневието во мојот град кое полека, но сигурно ме задушуваше, го оставив факултетот, испитите повеќе не ми беа толку важни, ја оставив работата, но се чувствував слободно.
Оставив сè и заминав.
Мислев дека ќе плачам, но се смеев. Другите плачеа околу мене, а јас гледајќи ги нивните солзи, не ги чувствував како тежина бидејќи знаев дека за брзо време ќе се претворат во гордост кон мене.
Гордост и восхит кон мојата храброст и одлучност.
Го слушав силниот звук на победата и можев да ја намирисам нејзината близина. Се доближив уште повеќе желна да ја гушнам и заедно да чекориме по патот на среќата.
Таа за мое изненадување ми се фрли во прегратките и не ме напушти. Нејзиниот силен звук се претвори во тивко шепотење кое ме заспиваше секоја ноќ кажувајќи ми дека се гордее со мене, кажувајќи ми дека цело време верувала во мене и ме очекувала.
Секој ден заедно чекоревме во тој непознат свет кој ми беше толку мил, а првпат го гледав.
И така неколку месеци со ред јас и победата бевме заедно, неразделни сè до оној момент кога беше време да се вратам и да седнам повторно на почетокот на автобусот со слушалките во уши и со песната која ми даваше храброст на почетокот.
Ми беше тешко што се враќав, полесно ми беше кога си одев, каква иронија!
Се вратив, со тешко срце, бесценети спомени и големо искуство. Се вратив со знамето на победата. А победата... рече дека ќе ме чека повторно со раширени раце.
И ветив дека нема да ја изневерам, ќе се вратам скоро за да ми биде полесно. Секогаш е лесно да заминеш, но тешко е да се вратиш, а јас нема да се враќам повеќе.
Тоа е така бијдеќи кога границите на умот еднаш ќе се прошират, шансите истиот да се врати во првобитната состојна се многу мали!
Би можело да ве интересира:





