Подгответе: Раскошни мафини со крем од кокос
Егзотичен и елегантен десерт за сите кои го обожаваат кремастиот вкус на кокосот. Подготовката можеби ќе ви одземе малку повеќе време и труд, но кога мафините ќе бидат подготвени, ќе откриете дека за такво задоволство вреди да се потрудите.
Состојки за мафини:
- 160g брашно
- 1 ½ лажичка прашок за печиво
- ¼ лажичка сол
- ¼ ванила во прав
- 40g кокосово брашно
- 50g кокосово масло
- 225ml кокосово млеко
- 130g кафеав шеќер
Состојки за крем:
- 220ml кокосово млеко
- 130g кафеав шеќер
- 2 лажици густин
- Малку сол
- 80g кокосово брашно
Подготовка:
Во стаклен сад помешајте ги сувите состојки, а потоа додадете ги течните состојки за мафини една по една. На крајот ќе добиете мазна смеса, нешто погуста за онаа од палачинки.
Загрејте ја рерната на 180 степени. Калапите за мафини обложете ги со хартиени корпи и секоја наполнете ја до половина со тестото кое го подготвивте.
Печете околу 15 минути, додека тортиците не добијат златеста боја. Оладете ги и извадете ги од калапите.
Во меѓувреме сварете го кремот. Во еден сад растопете го густинот со малку ладна вода, а во едно големо тенџере измешајте го млекото, шеќерот, солта и кокосот. Оставете ја смесата да зоврие, па постепено додавајте го растопениот густин.
Разладете го кремот, па потоа додадете го на врвот на секој мафин. По желба додадете уште малку кокосово брашно, сушен кокос или малку рендано чоколадо. Декорацијата останува на вас!