Подгответе: Слатко „суши“ за десерт
Сакате да гледате изненадени и воодушевени лица? Сакате да експериментирате во кујната, а притоа да добиете вкусно ремек дело? Суши десертот ќе биде идеалното решение за да го постигнете посакуваниот ефект.
Овој рецепт е идеален за здрав појадок, како и за сладок десерт по ручекот. Кога и да го направите, ќе изнудите големо воодушевување од оние кои ќе го вкусат.
Потребно ви е:
- 1 пакување готови вафли (или пак самите пригответе ги со тесто за тостерки, на шарен тостер со дезен)
- Половина ананас
- 20тина јагоди
- 1 банана
- Слатка павлака
- Мед
Подготовка:
Вафлите исечкајте ги на долгнавести парчиња кои ќе ги премачкате со слатката павлака. По желба во неа може да додадете шеќер, топено чоколадо, ванила екстракт или цимет.
На намачканата павлака додадете долгнавесто исечкана банана, јаготки и долги парчиња ананас.
Започнете да ги виткате вафлите како мини палачинки. По потреба, пресечете ги повторно за да добиете малечки парчиња кои наликуваат на суши.
Малите залчиња земете ги со лажица и потопете ги во мед. Поставете ги на едноставна чинија и уживајте во симпатичната глетка и сочниот вкус.