Подгответе: Крцкава превртена пита со праски и боровинки
Ако барате нови рецепти како да ги искористите омилените овошја во ова годишно време, вашата потрага е завршена. Спојте ги боровинките и праските за да го добиете совршениот летен десерт. Крцкавиот покрив од овесни снегулки во комбинација со свежите боровинки и праски претставува сладок и здрав оброк кој е совршен за крајот на денот.
Боровинките уште од античко време се познати по својата лековитост. Богати се со антиоксиданси, железо, витамин А и Ц, калиум и антоцијанин за кои многу истражувања покажале дека се ефикасни во лечење на слабиот вид во ноќни услови, како и за ширење на видното поле.
Антоцијанинот има важна улога во зајакнувањето на видот, спречува појава на жолти пеги, влијае на намалувањето на крвниот притисок. Ги смирува менструалните грчеви и спречува создавање на грутки во крвта.
Боровинките исто така го јакнат и чистат црниот дроб и крвта, а одлични се и за лечење на акутни и хронични желудочни/цревни заболувања, додека една праска со средна големина на организмот му дава многу влакна, витамин А и витамин Ц.
Витаминот А му помага на нашиот организам да одржи рамнотежа на течностите во долгите летни денови, а витаминот Ц прави чуда за кожата, што е посебно важно сега кога таа е често изложена на опасните сончеви зраци.
Боровинката и морковот се пар од соништата кога се зборува за здравјето, посебно за очите, но превртената пита со боровинки и праски сепак е ненадминлив оброк за долгите летни денови.
Состојки:
- 2 до 3 праски
- 1 до 1 ½ шолји свежи или замрзнати боровинки
- 2 лажици кафеав шеќер
- 2 лажици брашно
Кора
- 3 лажици путер, стопен и оладен
- 1/3 чаша брашно
- 1/3 чаша овесни снегулки
- ¼ чаша кафеав шеќер
- ¼ лажица цимет
- Малку сол
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 200°C. Во голем сад ставете ги праските исечени на тенки парчиња, боровинките, кафеавиот шеќер, брашното и добро промешајте за целото овошје да биде покриено со брашно и шеќер.
Овошјето ставете го на дното на кружен, огноотпорен сад и почнете да ја подготвувате кората. Помешајте 3 лажици растопен путер со брашно, овесни снегулки, цимет, шеќер и малку сол, се додека смесата не стане како мокар песок.
Добиената смеса распоредете ја по овошјето, прекријте со фолија и ставете го садот во рерната.
Печете околу 30 минути, а потоа тргнете ја фолијата и печете 10 минути додека горниот дел не зарумени.
Оставете оваа крцкава пита малку да се олади, а потоа послужете ја со сладолед од ванила.
Уживајте во слаткиот летен десерт!