Природни средства за чист дом
Внесете свежа енергија во домот и подарете му сјај и пријатен мирис без многу хемикалии и штетни производи. Обидете се да постигнете подеднакво добар ефект со овие неколку природни средства за кои не требаат многу состојки, ниту пак долго време за подготовка.
Чиста кујна според фенг шуи
Според фенг шуи кујната е здравствената состојба на семејството. Затоа, исчистете ја просторијата во која најчесто јадете, а која е голем расадник на бактерии. Во еден сад ставете млака вода, додајте една лажица јаболков оцет и три капки етерично масло од лимон. Со направената течност вратете им го сјајот на работните површини во кујната, ладилникот и прозорските стакла.
Чисти подови
За чист под потребни ви се етерични масла од чајно дрво и рузмарин. Во голем сад истурете пет литри вода, додајте 15 капки масло од чајно дрво и 10 капки рузмарин. Добивте средство за дезинфицирање кое мириса извонредно.
Чиста облека и гардеробер
Гранчињата лаванда се идеални за оваа намена токму поради прекрасниот мирис, а воедно и штитат од ситни штетници кои може да ја оштетат вашата облека. На самото гранче може да капнете неколку капки масло за поинтензивен мирис.
Природен освежувач
Во 100ml цветна вода на база на пеперминт или сандаловина додадете 20 капки освежувачко масло од грејпфрут, чемпрес или лимон. Комбинирајте само два вида етерично масло и миризливата течност прелијте ја во шишенце со распрскувач. Користете секојдневно, кога и да посакате.
Збогувајте се со мувлата
Само две шолји дестилиран бел оцет ќе го реши овој проблем. Оцетот пресипете го во шише со распрскувач и нанесете на местото. Оставете да делува неколку часа, а по желба може и да додадете некоја капка масло со свеж мирис за да се изгуби киселиот мирис од оцетот. По неколку часа делување, избришете со полусува крпа.
Чисти прозорци
За блескави прозорци смешајте половина лажичка течен сапун на база на билки, три големи лажици дестилиран бел оцет и две шолји вода. Пропрскајте го стаклото и избришете со памучна крпа.