7 начини малиот стан да изгледа пространо
Становите со мали квадратури и тесни соби мора да се уредуваат со поголемо внимание ако сакате просторот да изгледа функционално. Затоа, ви откриваме неколку тајни како малите станови и соби може визуелно да ги зголемите.
Најважно е да направите план. Не дозволувајте да ве понесе креативноста и несоодветно да го опремите просторот. Одлучете се за она што ви е неопходно, подгответе го просторот па дури тогаш купувајте мебел. За крај оставете ги деталите и сувенирите.
Едноставни бои
Премногу бои оставаат впечаток на несреденост. Користете основни, неутрални бои, а за да ја разбиете монотонијата внесете силни нијанси во мали дози. Кога ги боите ѕидовите, три страни обојте во неутрална боја, а четвртиот малку затемнете го.
Облиците се важни
Ако сакате хармоничен изглед, бирајте различни текстури и облици. Набавете тепих со дијагонални линии, пернички со точки и секакви детали кои многу едноставно ќе го разиграат просторот.
Проѕирен мебел
Ламбите од кристал или стакло, како и безбојните столчиња се неверојатно декоративни, но и корисни кога се борите со секој квадратен метар. Тие визуелно ќе го зголемат просторот, а ќе ја зголемат функционалноста.
Задолжителни огледала
Огледалата прават чуда во малите простории! Тие нека бидат извор на дупла сончева светлина или пак усмерете ги кон нешто што е вредно да се дуплира. Изберете рамка која стилски се вклопува со останатиот мебел и нема да погрешите.
Светло во секој ќош
Високите ламби се одлични за пријатно и интимно осветлување на просторот. Пригушеното светло кое доаѓа од малку повисоко позитивно влијае на пространоста.
Троседот заменете го со двосед и фотелја
Наместо голем тросед одберете двосед и фотелја. Бирајте модели без многу масивни држачи или потпирачи бидејќи визуелно оставаат негативен впечаток во малиот простор.
Завесите закачете ги повисоко
Ако сте љубители на завесите, секогаш закачувајте ги неколку сантиметри под плафонот. Тоа остава впечаток на повисок и поголем простор, а воедно е и одлична декорација на празните ѕидови.