Лесни трикови за нов изглед на вашата кујна
Сакате нова кујна, но не можете да си ја дозволите? А што велите за неколку совети кои ќе ви помогнат да направите подобрувања во кујната, така што таа ќе добие сосема нов изглед, без потреба да подигнете кредит?
Префарбајте ги елементите
Бидејќи висечките елементи заземаат најголем дел од просторот во кујната, ништо повеќе не придонесува таа да изгледа поинаку. Затоа одберете нова, убава боја со која ќе го освежите целосниот изглед на кујната. Ако сте од оние посмелите, пробајте горните и долните елементи да ги префарбате во различна боја.
Расчистете ја работната површина
Сите ние се задржуваме многу време од денот токму во кујната. Заради тоа, таа е средиште на куќата и се што ќе ни дојде при рака го оставаме на работната површина. По некое време, таа е толку пополнета што повеќе и не ја користиме како работна површина, туку како место на кое може да се најдат весници, сметки, детски играчки и што уште не. Расчистете ја и вашата кујна моментално ќе изгледа поголема.
Сменете ги рачките на елементите
Ова е наједноставниот начин за промена на изгледот на вашата кујна. Ако досега сте имале пластични рачки во форма на топче, пробајте да ги замените со оловни или оние кои се изработени од никел и нека новите имаат сосема поинаков облик.
Ново осветлување
Сменете ја старата неонка со убав лустер кој ќе одговара на останатите елементи. Или можете да пробате со повеќе нови мини – рефлектори, кои ќе фрлаат светлина од различни агли, а со тоа сосема ќе го променат изгледот на просторот.