Тактиките на рестораните: како нè наведуваат да потрошиме повеќе?
Сигурно барем еднаш ви се случило да отидете во ресторан и непланирано да потрошите двојно повеќе од планираното. Знајте дека ова не е случајност.
Мудрите сопственици на рестораните многу добро знаат како да извлечат повеќе од своите гости со помош на суптилни стратегии кои ве наведуваат да потрошите повеќе.
Обрнете внимание на:
Дизајнот на менито
Самиот изглед на менито, распоредот на понудените јадења, начинот на пишување на цените и други фактори, потсвесно влијаат на храната која ја нарачуваме. Така, на пример, истражувањето спроведено од Кулинарскиот институт во Америка покажало дека изоставувањето на валутите во менито одвлекува внимание од самите цени.
Цените секогаш доаѓаат после описот на оброкот, откако веќе во главата ќе испроцесирате дека сакате да го јадете тоа. Зборовите како специјалитет, сочно и свежо, прават храната да звучи неодоливо.
Редослед на храната
Најчесто во менито оброците се редат така што да ви ја пореметат перцепцијата на скапо и евтино. Во менијата најчесто прво се наведени скапите оброци, под нив нешто поевтините кои иако се доста скапи, на гостите им делуваат поповолно.
Стратегија на келнерите
Специјалитетите на рестораните најчесто се претставуваат усмено, а за тоа постои и добра причина. Со наведување на името на специјалитетот и неговиот сочен опис, келнерите мудро не ја наведуваат цената. На гостите најчесто им е непријатно да прашаат за истата, па често нарачуваат по препораката без да знаат колку ќе ги чини.
Угостителите знаат многу добро и дека мажите кои носат жена на состанок или вечера, ретко одбиваат препорака за скапо вино или десерт.
Бои, музика и греење
Во играта на „заведување“ на посетителите, свое место имаат и музиката, температурата и боите. Сите овие детали и тоа како влијаат на атмосферата на ресторанот. Ако во ресторанот е претопло, бучно, а боите се визуелно силни, може да придонесе за конфузна состојба, брзоплети одлуки и прекумерно трошење пари. Колку позбунети се потрошувачите, толку повеќе и нарачуваат.
Застапеноста на црвената, портокаловата и жолтата боја во ресторанот, можат да поттикнат чувство на глад.