Не оди на забави, не комуницира со колегите: Строгите правила што ги следи Барон Трамп на факултет
Генерално од безбедносни причини, Барон Трамп не смее да го сподели својот телефонски број дури ни со колеги кои му се блиски, не може сам да отиде на факултет, ниту, пак, да отиде на некоја забава. Со толку многу правила, студентскиот живот на Барон делува навистина осамено.
Како син на претседателот на САД, Барон Трамп треба да следи низа правила кога е во јавност, најмногу поради неговата безбедност.
За време на првиот мандат на Доналд, Барон уште беше само дете, но сега, кога има 19 години, а притоа е и студент, строгите правила што ги почитува стануваат поизразени.
Дел од правилата што ги следи Барон Трамп:
Не смее да го кажува својот телефонски број
На Барон му е забрането да го кажува својот телефонски број на колегите од факултет. Според изворите на TMZ, ова е главно за неговата безбедност.
„Ако му го каже бројот на некого, ќе си создаде многу проблеми. Кога некој ќе го дознае бројот, може да му го каже на друг, па на трет и ќе почнат да му ѕвонат милиони луѓе. И. ќе треба постојано да си го менува бројот“.
Па, за да комуницира со пријателите, Барон го користел четот што го нуди Xbox. Сепак, и во овој случај не го кажувал својот профил на кого било, туку само на луѓе што ги познава добро.
Не смее да живее на кампусот
За разлика од колегите на факултет, Барон не живее во студентскиот дом на кампусот. Моментално тој престојува во Trump Tower во Менхетн со мајка му Меланија.
Меланија сметала дека за него е побезбедно да живее со неа каде ќе може да внимава на него.
„Без разлика што мислат другите, Меланија смета дека е подобро да биде во негова близина.
Барон цел ден е на училиште, па Меланија има време и за нејзините обврски, но и да биде овде за него кога му треба“, вели извор за магазинот People.
Не смее да користи јавен превоз или самиот да вози автомобил
На претседателите на САД им е забрането да седнат зад волан, а Доналд и Меланија одлучиле оваа забрана да важи и за нивниот син.
До факултетот, но и до каде било, Барон секогаш оди со личен возач.
Не смее сам да оди на факултет
Барон постојано е придружуван од агенти на тајната служба на САД кои се негово обезбедување. Оди на факултет неколкупати неделно, и не смее да се појави на кампусот без неговото обезбедување.
Притоа, агентите честопати ги проверуваат и неговите колеги и според некои студенти, некогаш им барале и лична карта, особено ако забележат дека се блиски со Барон.
Дури и во основно и средно, Барон постојано беше придружуван од обезбедување.
„Агентите стоеја веднаш пред училница кога имавме час. Ако сакаше да оди во тоалет, тие одеа со него и до тоалетот“, има изјавено негов поранешен соученик.
Не смее да се дружи со кого било
Додека за повеќето од нас факултетот е период кога запознаваме нови луѓе и стекнуваме нови пријателства, а ова не важи за Барон.
Доста често, Барон оди на факултет само за предавањата и веднаш се враќа дома. Не присуствува на никакви социјални настани, како забави, ниту посетува некакви вонучилишни активности.
Истовремено, на Барон му е забрането и да игра на спортски натпревари организирани од факултетот, поради безбедносни причини.
Не смее да се фотографира со колегите
Бидејќи сепак е славна личност, колегите на Барон неретко сакаат да се фотографираат со него. Но, колку Барон и да сака да им ја исполни оваа желба – не смее.
Агентите кои му се обезбедување ги одбиваат сите кои ќе му се приближат за фотографија.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





