Традиции за Кинеска нова година кои се верува дека носат среќа (и вреди да ги пробате)
Исчистете го домот, но еден ден пред Кинеската нова година, за да не ја избркате среќата.
Лунарната нова година, кај нас попозната како Кинеска нова година, во 2025-та се слави на 29-ти јануари.
Датумот на Лунарната нова година се одредува според месечевите мени, а покрај Кина, се слави и во други азиски земји, како Виетнам и Кореја.
Конкретно во Кина, славењето на Лунарната година било во чест на предците и со надеж дека годината ќе биде благословена и плодна.
Поради ова, имале многу традиции, а дел од нив се задржани и до денес бидејќи се верува дека носат среќа.
Неколку кинески традиции за Кинеска нова година кои можеби ќе ви донесат среќа:
Исчистете го домот пред Нова година
Бидејќи Нова година значи и нов почеток, за Кинезите е важно да ја почнат со чист дом.
На овој начин, тие веруваат дека се ослободуваат од сè негативно во домот.
Препорачливо е пред Лунарната година да отстраните сè што не ви е потребно во домот, но и работите кои ве потсетуваат на лоши мигови или генерално ве растажуваат.
Важно е да се нагласи дека треба да го исчистите домот пред Нова година, а не на датумот бидејќи тој ден не треба да чистите воопшто.
Украсете го домот
Со украсувањето, Кинезите веруваат дека ја канат среќата во својот дом.
Најпопуларни бои се црвената и златната – црвената бидејќи симболизира во живот и просперитет, а златна бидејќи се поврзува со среќа, богатство и моќ.
Посетете го семејството
Како ние што го славиме Божиќ со семејството, Кинезите сакаат да ги видат најблиските членови, но и пријатели.
Тие ги посетуваат саканите на првиот ден од новата година, и тоа уште рано наутро.
Се верува дека колку порано ги видите саканите во новата година, толку порано ќе ја почувствувате среќата.
Јадете убава храна
Интересно е што за Кинеска нова година, во некои области во Кина има слична традиција како нашата со паричка за Бадник и Василица.
Додека слават, тие јадат таканаречени дамплингс и во едно кријат паричка.
Оној кој ќе ја најде паричката се верува дека ќе го следи среќа целата година.
Храната што се јаде во Кина зависи од областа, но генерално има некое симболично значење.
Вие, пак, можете да се почастите со омиленото јадење.