Одлики што им се заеднички на успешните луѓе, според психолози
Покрај очигледната самодоверба, ако сакате да бидете успешни, важно е да преземате одговорност за вашите постапки, а со тоа и да учите од грешките.
Не постои „рецепт“ за успех или волшебен совет што ќе ви помогне веднаш да ги остварите целите.
Но, психолозите забележале дека постојат одлики кои им се заеднички на успешните луѓе.
И, можеби најдоброто е што скоро сите овие одлики можат да се научат.
За кои одлики станува збор?
Оптимизам
Многу психолози се согласуваат дека луѓето кои се оптимисти е поверојатно дека ќе работат на своите цели и со тоа им се зголемуваат шансите да ги остварат.
Оптимистите веруваат дека можат да успеат, а ова им е огромен поттик.
Притоа, оптимизмот не е само позитивно размислување, туку е цврсто верување во своите способности.
Секако, важно е да бидат и реалистични за да можат да проценат кога ризикот е преголем.
Упорност
Оваа одлика е веќе очигледна – упорните луѓе се оние кои имаат најголеми шанси за успех.
Упорноста значи да не се откажувате дури и кога патот ви изгледа претежок или кога ќе се соочите со неколку неуспеси по ред.
Не заборавајте дека и најуспешните луѓе се соочиле со повеќе неуспеси отколку успеси.
Односно, треба да успеете само еднаш, а по пат ќе „паднете“ многупати. Она што е важно е да продолжите.
Преземање одговорност за своите постапки
Кога ќе си ја воочите и признаете грешката, тогаш вие и ќе научите од неа и следниот пат ќе ја избегнете.
Кога преземате одговорност за вашите постапки, без разлика дали добри, лоши, погрешни или правилни, вие учите.
А, колку повеќе знаете, толку ви се поголеми шансите да успеете во она што сте го наумиле.
Оваа одлика може и да биде дополнителен поттик – ако направите нешто погрешно (и преземете одговорност), тоа ќе ве мотивира следниот пат да се потрудите повеќе и да ја избегнете грешката.
Самодоверба
Уште една карактеристика која е очигледна, но сепак треба да се спомне.
Ако не верувате во себе, најверојатно нема ни да се обидете да стигнете некоја цел која ви изгледа премногу амбициозна.
Луѓето кои веруваат во себе се свесни за нивните способности, но и знаат дека ако не успеат, секогаш можат да се обидат повторно.
Поверојатно е да преземаат и поголеми ризици, што долгорочно им ги зголемува шансите за успех.
Секако, важно е самодовербата да не премине во егоистичност, туку потребна е и доза реализам.