Жените го имаат главниот збор, мажите го земаат нивното презимe: Интересни факти за племето Кхаси од Индија
Мажот во куќата доаѓа како домазет, целиот имот останува на најмалата ќерка, а ако мајката смета дека мажот не е доволно добар, може слободно да го избрка... Дали сте знаеле дека во Индија постои племе каде жените го имаат главниот збор, а мажите се потчинети?
Племето Кхаси е домородна етничка група во Индија, кои важат за една од најголемите етнички групи во земјата. Интересни се затоа што се една од ретките заедници што сѐ уште живеат во матријархат, односно во заедница каде жените го имаат главниот збор.
Интересно е што тие во најголем дел не потпаднале под влијание на другите религии и култури, па сѐ уште веруваат во нивните племенски божества. Но, има и такви што го прифатиле христијанството или веруваат во рамноправност меѓу партнерите.
Нивен заштитен симбол е петелот, затоа што веруваат дека тој го разбудил Бог и му отворил пат за да го создаде светот.
Во секојдневниот живот на ова племе, жените го имаат главниот збор и ја менаџираат продажбата на производите, додека мажите се тие што се задолжени за кревање на тешките вреќи и носење на производите до пазарите.
Како што пишува BBC во својата подолга репортажа за племето, во оваа заедница е вообичаено децата да го земат презимето на мајката, а сопругот да се всели во нејзиниот дом, додека најмладата ќерка го добива имотот на родителите.
Племето живее во проширени семејства или кланови, а со оглед на тоа што децата го земаат презимето на мајката, неопходно е да се родат ќерки за да се продолжи лозата на кланот.
Ќерките имаат слобода да живеат во домот на своите претци или да се отселат, освен најмладата ќерка, која го наследува имотот. Дури и откако ќе стапи во брак, таа не го напушта домот, нејзина задача е да се грижи за родителите и да стане глава на семејството по смртта на мајката.
Уште еден интересен детаљ е што ако жената сфати дека мажот не обезбедува доволно за семејството, таа може слободно да го избрка и да продолжи со својот живот.
Но, иако има такви парови што се откажале од традицијата, се верува дека уште долги децении племето Кхаси ќе го почитува матријархалното уредување и жените уште долго време ќе го имаат главниот збор.
Б. С. Б. | Црнобело