Момче со аутизам го урна светскиот рекорд и ја реши Рубиковата коцка за 3.13 секунди (видео)
Макс Парк (21) го урна претходниот рекорд од 3.47 секунди, кој е поставен во 2018 година, атмосферата околу него еруптираше, а деца скокаа, му аплаудираа и се фаќаа за глава, се гледа на виралното видео од неверојатниот успех на ова младо момче.
Макс Парк (21) од Калифорнија, момче со аутизам, постави светскиот рекорд во решавање Рубикова коцка 3х3, откако успеа да ја реши за 3.13 секунди.
Тој на 15-ти јуни го урна стариот светски рекорд поставен во 2018 година, кој изнесуваше 3.47 секунди, а кој го постави Кинезот Јушенг Ду.
Макс досега победил на преку 400 натпревари за решавање на Рубикова коцка. Тој е толку добар, што се најде и во документарецот на Netflix, The Speed Cubers во 2020 година.
На Твитер се споделува видео на кое Макс неколкупати се обидува да го урне претходниот рекорд од 3.47, кој е поставен пред скоро 5 години, во 2018.
Откако конечно успева да ја реши коцката за 3.13 секунди, атмосферата околу него еруптира, а децата околу него скокаат и му аплаудираат, се гледа на видеото.
Парк, кој бил дијагностициран со блага форма на аутизам како дете, постави неколку Гинисови рекорди во минатото, на Рубикови коцки со различни димензии, а има и најбрзо просечно време за решавање на Рубикова коцка со една рака.
Неговите родители во 2019 година откриле дека го пријавиле Макс на натпревар за решавање Рубикова коцка за да му помогнат полесно да се социјализира и да се развие, поради неговиот аутизам, пренесе „Daily Mail“.
„Сето ова почна поради аутизмот на Макс, не поради самата коцка. Сакавме да се социјализира, да најдеме начин да му ја подобриме моториката. А бидејќи од мал покажуваше интерес за Рубиковата коцка, сè тргна оттаму“, рекла неговата мајка.
Погледнете го видеото:
BREAKING: The Rubik’s cube world record has been broken at 3.13 seconds 🎉🤯 pic.twitter.com/nRsvWTuAIm
— Daily Loud (@DailyLoud) June 14, 2023
А. Ј. | Црнобело