Вирална надреална фотографија – фотограф ја „уловил“ поларната светлина над вулканска ерупција
Фотографот Кристофер Метјус од Исланд со години ги фотографира пејзажите на неговата родна земја, а неодамна ја направил можеби најдобрата фотографија во неговиот живот. На фотографијата се гледа волшебната поларна светлина, но и вулкан што еруптира.
Но, оваа фотографија не била сосема случајна – Кристофер ја набљудувал вулканската активност во областа каде што ја направил фотографијата уште во 2020-та.
Кога почнале неколку мали ерупции, сфатил дека вулканите во таа област „се будат“, па се фокусирал на нив. На почетокот од март годинава веќе било јасно дека наскоро ќе има ерупција, па Кристофер се подготвил да го улови волшебниот момент.
„Почнав да барам локација за фотографирање на 12-ти март. Една недела пред ерупцијата, ги научив најдобрите места, но морав да ги научам и сите патчиња, во случај некоe дa биде блокиранo од лавата“.
Кристофер веќе ја имал замислено неверојатната фотографија, па само го чекал вистинскиот момент.
„На денот кога ја направив фотографијата, времето требаше да биде убаво. Нo, се појавија неочекувани врнежи од снег што ми го блокираа погледот кон вулканот и небото. Изгубив надеж, но набрзо облаците почнаа да се расчистуваат. Само што го извадив фотоапаратот се појави поларната светлина над вулканот што еруптираше. Замислете, ова се случи на полноќ на 24-ти март – денот на мојот роденден. Не можам да си замислам подобар подарок!“
Кристофер вели дека за да ја направите вистинската фотографија ви треба малку среќа, но уште повеќе планирање и упорност.
Спирова С. | Црнобело