Ја напуштила на 8 години, била љубоморна на принцезата и ја обвинувала за разводот – Чудниот однос на Дијана со мајка ѝ
Францис Шанд Кид, мајката на Дијана чувствувала огромна грижа на совест затоа што во моментот кога принцезата почина во 1997-ма година во сообраќајна несреќа, тие не зборувале. Која беше мајката на Дијана и како нејзините одлуки влијаеле врз животот на принцезата?
Постојат голем број податоци и информации за годините додека Дијана беше член на кралското семејство, а малку се зборува за нејзиниот живот пред да стапи во брак со Чарлс и за семејството од кое потекнува.
Така, малкумина знаат дека таа имала мошне лош однос со нејзината мајка, којашто ја напуштила кога принцезата имала само осум години.
Во 2018-та година беше објавен документарниот филм Royal House of Windsor во кој, меѓу другото се зборува и за мајката на Дијана, Францис Шанд Кид, па во него се напоменува дека односот што Дијана го имала со мајка ѝ во голема мера придонел за неуспешниот брак со Чарлс.
Мајката на Дијана, Францис Рут Рош е родена во 1936-та година и била ќерка на барон, кој бил мошне добар пријател со таткото на кралицата Елизабета, кралот Џорџ Шести, додека нејзината мајка била добра пријателка и придружничка на кралицата Мајка.
Во 1954-та година, на возраст од само 18 години Францис се омажила за Џон Спенсер кој тогаш имал 30 години и се верува дека таа била најмладата невеста што некогаш се омажила во Вестминстер.
Парот заедно добил 5 деца, Сара, Џејн, Џон (кој починал само 10 часа по раѓањето), Дијана и Чарлс. Но, Францис самата велела дека нивниот брак не бил среќен, по што парот се развел.
Причина за разводот била аферата што мајката на Дијана ја имала со бизнисменот и милијардер Питер Шанд Кид, со кого таа подоцна ќе се омажи.
За време на разводот со Џон Спенсер, мајката на Францис (бабата на Дијана) ќе застане во одбрана на поранешниот зет, заради што таа ќе го загуби старателството над четирите деца, а се соочувала со критики и навреди како: „бегалка“, „неверна жена“ и „љубовница“.
Во времето на разводот Дијана имала само 8 години, а подоцна во една прилика рече дека цел живот „ја прогонувал“ звукот од камењата под возилото со кое мајка ѝ си заминала.
Според многумина, разводот предизвикал трауми заради кои принцезата постојано имала потреба другите луѓе да ѝ ја докажуваат својата љубов.
Откако Францис се омажила за Питер Шанд Кид, тие одлучиле да се преселат на изолиран остров каде воделе мирен живот, подалеку од љубопитните погледи, а во мигот кога Дијана станала вереница на Чарлс, медиумското внимание повторно било свртено кон нив.
Во тој период Питер одлучил да ја напушти Францис за помлада жена, а таа верувала дека главен виновник е Дијана затоа што им ги донела новинарите пред врата, а Питер не можел да го поднесе притисокот.
Затоа што медиумите постојано ги споредувале Францис и Дијана, како во физичкиот изглед така и во животните одлуки, тоа довело мајката да почне да чувствува презир кон ќерката и да ја гледа како ривал.
По еден телефонски повик во кој Францис јавно ја обвинила за мажите со коишто се дружи и големиот број навреди упатени кон неа, принцезата одлучила повеќе да не разговара со неа.
Според батлерот на Дијана, Пол Барел, принцезата останала доследна на својата одлука до крајот на својот живот.
По смртта на Дијана, Францис чувствувала огромна грижа на совест, па последните години од својот живот ги посветила на хуманитарни дејствија и патувања со кои ги продолжила делата на Дијана.
Б. С. Б. | Црнобело