Пред Меган, таа беше „војвотка на скандалите“ во кралското семејство – Што знаеме за Сара Фергусон, сопругата на принцот Ендрју?
Беше прва што кај Опра проговори за животот во кралското семејство, таблоидите пишуваа за нејзините неверства, а самата призна дека не можела да го поднесе притисокот на кралскиот живот. Што знаеме за Сара Фергусон, сопругата на вториот син на кралицата Елизабета?
Кога станува збор за скандалите во британското кралско семејство се чини дека во последно време Меган и Хари, заедно со принцот Ендрју се тие што важат за најпроблематични членови во семејството.
Но, долго пред нив, таблоидите ги полнеше една друга членка на семејството.
Црвенокосата писателка и телевизиска водителка Сара Маргарет Фергусон (62) попозната како Ферги, која се прослави благодарение на бракот со принцот Ендрју (61) контроверзниот син на Елизабета кого во моментов го тресат скандали со силување малoлетничка.
Сара неодамна објави роман за возрасни насловен Her Heart for a Compass, а претходно, објави книга мемоари каде зборуваше отворено за сопствениот живот во кралското семејство.
Што знаеме за втората снаа на кралицата Елизабета, што воедно беше омажена за принцот, за кого се смета дека бил омилен син во семејството?
Погледнете повеќе факти за неа во продолжение:
Сара Фергусон била родена во 1959-та година во Лондон, а потекнува од аристократско семејство. Уште кога Сара била малечка нејзината мајка предизвикала скандал со што го засрамила целото семејство.
Кога Сара имала само 12 години, нејзината мајка, Сузан Барантес одлучила да се разведе, да го напушти семејството и да се пресели во Аргентина заедно со новиот сопруг, професионалниот поло играч Хектор Барантес. Таа починала во автомобилска несреќа во 1998-ма година.
Две години подоцна, таткото на Сара повторно се оженил и добил уште 3 деца во новиот брак, заради што младата девојка почнала да се чувствува осамено, а тешко ја погодило тоа што мајка ѝ ја напуштила, па обвинувајќи се себеси почнала да развива пореметувања во исхраната.
Иако пораснала во високите кругови на британското општество, пријателството со принцезата Дијана ќе се покаже како мошне вредно. Тие двете биле далечни братучетки и биле мошне блиски пријателки, па затоа Дијана во 1985-та година одлучила да ѝ помогне и да ѝ упати многу важна покана за настан во Виндзорската палата.
За време на настанот, на вечерата Сара го добила столчето до принцот Ендрју, по што започнала нивната љубовна приказна.