Мрачните тајни на Викторија и Дејвид Бекам - скандали со неверства, со милионите на сопругот гради кариера
Наводно нејзиниот бизнис нема да опстане доколку Дејвид не вложува пари, а таа самата призна дека го удрила кога дознала дека ја изневерува. Мрачните тајни за бракот на Викторија и Дејвид Бекам.
Деновиве актуелна е свадбата на најстариот син на Викторија и Дејвид Бекам, Бруклин (23) кој се ожени за богатата американска наследничка и актерка Никола Пелц (27).
Бракот на неговите родители кој трае 22 година се смета за еден од најуспешните меѓу познатите.
Сепак, и славната британска двојка низ годините имала свои подеми и падови, а постојат повеќе тајни што речиси сите ги заборавиле и не говорат за нив. Бекамови повеќепати биле вклучени во скандали.
Во продолжение да проследиме неколку мрачни тајни за бракот на Викторија (47) и Дејвид Бекам (46).
Викторија во својата автобиографија потврди дека еднаш дури и го удрила Бекам откако претходно поверувала дека тој ја изневерува. Тоа се случило во 1999-та година додека била бремена со Бруклин.
Викторија вели дека за неверството дознала додека била на турнеја со Spice Girls, а поради расправијата и таа и Дејвид имале суицидни мисли. Дејвид успеал да ја убеди дека не се точни гласините и заминале на одмор на езерото Комо во Италија каде ја побарал за жена.
Викторија и Дејвид се венчаа во 1999-та година, односно 4 месеци по раѓањето на Бруклин. Тие се во брак вкупно 22 години, а велат дека и покрај големиот број падови секогаш се избирале меѓусебно, повторно и повторно.
Само пет години откако стапија во брак, во јавноста излезе норвешката ТВ водителка Ребека Лос која тврдеше дека имала афера со фудбалерот. Таа се појави во повеќе емисии и даде повеќе интервјуа, но нејзините тврдења беа отфрлени од Дејвид.
Во 2017-та година светски познатиот фудбалер беше на удар кога во јавноста беа објавени негови приватни мејлови од кои што можеше да се види дека неговото учество во добротворни организации и настани е со цел да биде прогласен за витез. Викторија остана до него и за време на овој скандал.
Наводно се скарани со Меган и Хари. Кралската двојка не беше поканета на свадбата на Бруклин и Никола, иако претходно тоа се очекуваше. Наводно, кавгата настанала откако Меган ја обвинила поранешната членка на Spice Girls дека дава информации во медиумите за неа. Откако било откриено дека Викторија е невина, Меган се обидела да се извини, но залудно.
Во една прилика Дејвид рече дека бракот со Викторија подразбира „напорна работа“. Сепак, не појасни дали мислеше на тоа дека е потребно многу да се вложува за да биде во среќна заедница или дека Викторија е тешка личност.
Во 2018-та година во таблоидите масовно се пишуваше дека Дејвид ја изневерил Викторија со учителката на нивната ќерка Харпер и дека учителката наводно е бремена, а парот е пред развод. Сепак, ваквите гласини веднаш беа отфрлени, а парот сè уште е заедно.
Славните денови на Викторија како пејачка одамна се минато, а откако е во брак со Дејвид таа работи како познат моден дизајнер. Сепак, според пишувањата во одделни таблоиди, на бизнис-план не ѝ цветаат рози, па милионите на Дејвид ѝ помагаат да го одржи бизнисот на нозе.
Б. С. Б. | Црнобело