Се претставувала како германска наследничка, не плаќала за луксузниот живот - Каде е денес измамничката од Inventing Anna?
Само што ја одлежала затворската казна за измамите, повторно била затворена затоа што престојувала во САД подолго од дозволеното. Каде е и што прави Ана Делви, девојката чијашто приказна е инспирација за новата серија на Netflix, Inventing Anna?
По документарниот филм The Tinder Swindler, нов хит е серијата насловена Inventing Anna, посветена на Ана Сорокин, измамничката која претставувајќи се како германската наследничка Ана Делви, изнудила милиони од елитната класа во Менхетн.
Филмот во голема мера се потпира на вистинската приказна на Ана Делви, но има и делови што се измислени, како што се најавува и на самиот почеток.
Серијата ја следи приказната на Ана која успеала да влезе во високото општество на бизнис и уметничката елита на Менхетн, тврдејќи дека има богатство од 60 милиони долари во Европа.
Ана успеала да си обезбеди скапи патувања, хотелски престој и излегувања во ексклузивни ресторани, а зад себеси оставала само неплатени сметки. Таа дури сакала да земе и кредит од банка со цел да ја формира Фондацијата „Ана Девлин“.
Во 2019-та таа доби затворска казна, откако беше прогласена за виновна за кражба и измама, а се проценува дека украла над 200.000 долари од банки и луксузни хотели.
Според обвинителите Ана имала „легални“ финансиски документи со чија помош успеала дури да земе и кредит од 100.000 долари од една банка.
Ана за време на судењето беше постојано во фокусот на вниманието и поради модните изданија во кои се појавуваше, имаше сопствен стилист за судница, па дури во една пригода одбила да се појави на суд затоа што сметала дека не изгледа соодветно.
Која е Ана Делви, најновата ѕвезда од хит-серијата на Netflix и што знаеме за неа? Во продолжение проследете неколку факти:
Ана во периодот од 2013-та до 2017-та година претставувајќи се како богата германска наследничка извршила измами над повеќе припадници на елитата на Менхeтн.
За разлика од „Измамникот од Тиндер“, Ана за своите измами одговарала пред суд и била осудена на затворска казна.
Сериите се засновани на натписите во магазинот New York, објавени во 2018-та година што ја направија славна, а главната актерка која ја толкува улогата во серијата, Џулија Гарнер вели дека таа и режисерката Шонда Рајмс ја посетиле Ана во затворот пред да почнат со снимањето на серијата.
Во 2017-та Ана била уапсена и околу две години ja чекала пресудата во затворот Rikers Island кој е познат по мошне лошите услови за затворениците.
По пресудата што била донесена во 2019-та година таа поминала уште две години во затвор, а откако била ослободена во февруари 2021-ва година, повторно била уапсена од страна на имигрантските служби затоа што ја пречекорила дозволата за престој. Ана во моментов очекува да биде депортирана во Германија, а времето го поминува во затворска ќелија.
Додека во моментов целиот свет има можност да ја гледа серијата на Netflix, (премиерно прикажана на 11.02.2022) Ана сè уште е во својата затворска ќелија, а откако во јануари годинава се разболела од ковид таа била сместена во изолација. За своите искуства во затворот таа, по објавувањето на серијата, напиша подолго писмо што го објави во медиумите.
„Додека бев во затвор во целост ја исплатив отштетата на банките од кои земав пари. Исто така, во тие шест недели додека бев слободна постигнав повеќе отколку што некои луѓе постигнале во последните две години. Тоа што останав без виза беше ненамерно и надвор од мојата контрола“ – вели таа.
Ана појаснува дека сега сè уште ја држат во притвор затоа што според судот таа би можела да продолжи да прави измами, бидејќи таа не покажала досега дека жали за криминалните дела од минатото.
Ана вели дека воопшто нема некоја особена желба да ја гледа фиктивната верзија од себеси на малите екрани, но претходно се надевала дека до објавувањето на сериите таа конечно ќе биде слободна жена и повеќе нема да ја плаќа цената за нејзините „грешки во 20-тите години од животот“.
„Секако јас како последниот недоверлив наратор велам дека сум направила неправилни постапки, што денес не би ги повторила. Навистина не е во ред јас да бидам задржана толку долго откако тие донесоа и ослободија голем број тешки престапници (крадци, силувачи, луѓе што се обиделе да извршат убиство)“ – вели таа.
Нејзината изјава дека криминалот се исплати беше пренесена во најголемиот дел од светските медиуми. Netflix за серијата Inventing Anna, на Ана ѝ исплати сума од 320.000 долари за таа да ги отстапи правата. Од овие пари Делви потрошила околу 200.000 долари за да си ги исплати долговите и остатокот го потрошила за легални трошоци.
Б. С. Б. | Црнобело