Лажела дека е богата германска наследничка и доби 12 години затвор
- Детали
- понеделник, 13 мај 2019
Под лажно име за себе го креирала животот што го посакува со луксузни патувања, СПА третмани и дружба со кремот на Менхетн.
Ана Делви со години го мамела светот дека е богата германска наследничка со милиони на сметката.
Сега, таа е осудена на 4 до 12 години затвор за луксузниот живот што го живеела на грб на другите.
По пресудата за медиумите таа изјави: „Не ми е жал“. Судијата токму нејзиниот надмен став во текот на целото судење и некаењето за делото изјави дека ja натерало на построга казна.
Ана Делви, чие вистинско име е Ана Сорокин и потекнува од Русија, во текот на овие години мамела банки, луѓе, компании, познати личности, хотели за огромни суми.
Таа живеела во високите социјални кругови на Менхетн, велела дека има наследено 60 милиони евра и за себе го креирала животот што си го посакува. Раскошни вечери, СПА третмани, личен тренер било секојдневието на Ана.
Во судот неколку пати доаѓала облечена во дизајнерски парчиња, имала ангажирано позната стилистка и сè уште се трудела да ја игра улогата на германска наследничка.
Поранешна нејзина пријателка сведочела против неа на суд за патувањето во Мароко на кој таа била наместена да и плати сè. Низ солзи изјавила дека запознавањето на Ана ѝ е најтрауматското искуство во животот и се кае за тоа. На луксузното патување потрошиле 53.000 евра.
Многу влијателни луѓе од срам не се осмелиле да сведочат против Ана, иако таа ги измамила и нив.
Во тек се преговори за снимање филм за оваа неверојатна приказна.