Факти за Сесилија, жртвата на измамникот од Тиндер, која уште ги отплаќа долговите
Само една од банките ѝ го отпишала долгот, а Сесилија Фјелхорн стравува да се врати во родната Норвешка поради тужбите што ги добила откако била жртва на Измамникот од Тиндер. Што се случува денес со девојката која прва ја раскажа приказната за него?
Оние што го погледнаа документарниот филм „The Tinder Swindler“ на Netflix, имаа можност да се запознаат со Сесилија Фјелхорн, која обидувајќи се да ја најде својата сродна душа на Тиндер, го запознала измамникот Шимон Хајут, кој се претставувал како Сајмон Левиев.
Се претпоставува дека Сајмон со измами, успеал да изнуди околу 10 милиони долари од повеќе жртви, а меѓу оние кои отворено говореа и ја раскажаа својата приказна се Сесилија Фјелхорн, Пернила Сјохолм и Ајлин Шарлоте.
Оние што го погледнаа филмот знаат дека откако Сесилија наседнала на приказната на Сајмон, кој тврдел дека е милијардер и син на кралот на дијамантите Лев Левиев, тој постепено од неа успеал да изнуди сума од 250 илјади долари.
Како што вели и самата Сесилија во филмот, таа се задолжила кај девет различни кредитодаватели, а долговите ги исплаќа и денес.
По објавувањето Сесилија гостуваше во повеќе светски медиуми, а еве неколку поинтересни факти за неа, што можеби не сте ги знаеле:
И покрај тоа што била жртва на измамник и што заради тоа платила мошне висока цена Сесилија не се откажува од Тиндер и верува дека еден ден навистина ќе го запознае вистинскиот.
Таа била првата што ја раскажала својата приказна за медиумите и помогнала Сајмон, односно Шимон да биде затворен. Тој никогаш не одговарал за измамата и за тоа што ѝ земал 250 илјади долари и денес е слободен човек кој живее во родниот Израел, откако по само пет месеци затвор бил пуштен.
Сесилија заедно со другата жена што била измамена од Сајмон, Пернила Сјохолм ја формирале фондацијата „Акција: Реакција“ (Action: Reaction) која ги поддржува жртвите на измами. Според неа начинот на кој се третираат жртвите на измами е целосно погрешен.
Таа вели дека во сето тоа што ѝ се случило, најлошо искуство имала со полицијата и со банките. Во интервју за ELLE, Сесилија раскажува дека иако била жртва на измама, завршила и пред суд.
Четири банки ја тужеле Сесилија, а поради стравот од банките таа денес се плаши да се врати во татковината.
„Чувствувате вистинска загриженост и паника кога ќе го проверите меилот и поштата, затоа што никогаш не сте сакале да бидете во таква ситуација и да се плашите од извршители“ – вели таа.
Од сите банки, само една донела одлука да ѝ го прости долгот, а еден од вработените во таа банка на суд изнел шокантни тврдења дека не би требало Сесилија да биде судски гонета, затоа што банките имаат сигурносна политика за такви случаи.
Освен што се соочува со тужби, таа често е мета на негативни критики од јавноста кои ја осудуваат затоа што барала „богати мажи“ на Тиндер и дека „го добила тоа што го заслужила“.
Прочитајте и Лажел девојки дека е милијардер и ги ограбувал, а бил само пет месеци во затвор – Каде е денес и што прави измамникот од Тиндер?
Повеќе фотографии од Сесилија во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело