Со што ме вадат од такт соседите во скопска населба (и како ќе им вратам еден ден)?

Животот во зграда со многу комшии може да биде вистинска хорор приказна. Дури и кога живеете во зграда со уште три-четири фамилии, има моменти кога денот или ноќта ќе ви се прилично стресни и напнати, особено ако комшиите не ви се погодат. Како, на пример, моите.

so-shto-me-vadat-od-takt-komshiite-i-kako-kje-im-vratam-eden-den-01.jpg

Живеам во зграда со девет стана. Малку, ќе си речете, што се девет стана. Ништо посебно, освен што во станот над мене секогаш се вселувале кираџии со некои чудни навики.

Еден тип живееше сам со куче. И никогаш не го шеташе. Најверојатно дечкото работеше од „јутра-до сутра“, па немаше време за својот миленик.

Освен во 1 по полноќ секоја вечер (без исклучок), кога му фрлаше метално топче по паркетот, а кучето трчаше по него. И играта траеше дваесетина минути.

Се качив неколкупати да го опоменам – не помогна.

Брзо откако тој си замина, во станот се досели семејство со две помали деца. Плачењето на децата не можеш да го контролираш.

Ни да се лутиш кога децата си играат и трчаат низ дома преку ден. Ама, мајката имаше супер навика секој втор ден во 6:30 наутро да пушта правосмукалка. Во 6:30 наутро!

Дури и за викенд. За среќа, останаа само шест месеци и си заминаа.

so-shto-me-vadat-od-takt-komshiite-i-kako-kje-im-vratam-eden-den-03.jpg

Следен беше студент на Музичка академија. Па кога не вежбаше на тромбонот, слушаше џез. Уствари, цело маало слушаше, оти тоа најчесто беше гласно и со отворени прозорци. Една година некако се преживеа.

Нема да ги заборавам ни студентите што беа тука една година и секоја вечер правеа журки. Некогаш тоа беа караоке журки, другпат седенки до 5 сабајле со многу смеење и репертоарот на Аца Лукас на „рипит“.

Неколкупати ме извадија толку од такт, што им ѕвонев на врата - во пижами, со расчупана коса, вистинска вештерка...

Кратко време во станот живееше и постар маж, самец, кој секое сабајле слушаше вести на Радио 2. И нè будеше сите со она познатото: „Тииит.... точно е 5 часот и 30 минути. Вие слушате вести“.

И за сите овие години често размислував, која е најдобрата тактика да им вратам?!

- Да удирам со сукало од долу и да правам галама?

- Да фрлам со антистрес топче по таванот за да ги нервирам?

- Да купам разглас и да зборувам преку него?

- Да бушам со бор-машина во 3 ноќе?

so-shto-me-vadat-od-takt-komshiite-i-kako-kje-im-vratam-eden-den-02.jpg

- Аца Лукас да го надвикам со Nirvana? Или со „2 Бона“ и Слаткар?

- Да пуштам правосмукалка на полноќ кога ќе им заспијат децата?

- Во време на пладневен одмор да „рокнам“ собраниска седница на цел глас? А ако нема на ТВ, секогаш ќе најдам нешто на Јутјуб...

- Да печам пиперки на тераса, кога ќе имаат пружено алишта?

- Или, да бидам добра комшика, и само да им викнам полиција, па да спиеме сите мирно?

Хммм... ќе размислам уште малку, зашто за среќа, во моментов станот е празен. Ама, па, може уште денес ќе дојдат нови кираџии.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Искрена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...
„Со сопругот толку бевме фокусирани на децата, што заборавивме на нашиот брак“ Јас и сопругот толку бевме фокусирани на грижата за нашите деца, што заборавивме...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg