Разведена, а се шета нашминкана – сигурно бара нов маж!

Ќе поминеш низ пекол, ќе се обидеш да се собереш и да продолжиш да живееш и веднаш се соочуваш со критики од општеството: „види ја, се дотерала“, „за кого се дотерува“, „сигурно бара некој нов“, и врв е онаа изрека „па таа да беше во ред ќе си го чуваше мажот!“...

razvedena-a-se-sheta-nashminkana-sigurno-bara-nov-mazh-01.jpg

„Замисли доаѓаат многу убави и дотерани жени и купуваат само скапа козметика и шминка и сите се разведени“ – ми вели една пријателка пред некој ден која работи во позната скопска парфимерија. „Сигурно сега бараат нов маж, па се дотеруваат“ – додава.

Општочовечка појава – кога не знаеме нешто, обожаваме да претпоставуваме, без да размислиме дека нашите зборови повредуваат некого и нечии чувства.

Не знаеме низ што поминале тие жени во бракот, па сега имаат потреба да си покажат самите на себе дека сè уште се убави и да си ја вратат самодовербата, но затоа први сме да претпоставуваме, критикуваме и осудуваме.

Ќе поминеш низ пекол, ќе се обидеш да се собереш и да продолжиш да живееш и веднаш се соочуваш со критики од општеството: „види ја, се дотерала“, „за кого се дотерува“, „сигурно бара некој нов“, и врв е онаа изрека „па таа да беше во ред ќе си го чуваше мажот!“

Разведените жени се „распуштеници“, „оставени“, „недомаќинки“, но како гласи машката верзија на овие зборови?

Сте сретнале некој маж да носи епитет „распуштеник“ или „оставен“?!

Не, навистина ме копка, зошто немаме изрази за мажите што веќе имале еден брак зад себе и зошто секогаш мораме да ги оцрнуваме жените на кои не им се посреќило првиот пат, небаре само жената е виновна ако бракот не е успешен?

Да се разбереме – никој не влегува во брак за да се разведе, а никој не може да знае како понатаму ќе се развива бракот.

Како жена што веќе 13 години е во складен брак знам колку работа треба за и во „хармонични“ услови таа институција да се одржи, но знам и како е да живееш во целосно дисфункционално семејство, во кое разводот бил единствено решение и „средство за евакуација“.

Знам колку ме болеле коментарите упатени на сметка на мајка ми, која многупати била деградирана, понижувана и етикетирана како „онаа што нема маж“, а јас сум била „онаа што нема татко“.

Знам и дека за време на бракот, за целата средина татко ми беше „добриот“ што секаде чести, сака да се весели и да шета по кафеани, а мајка ми беше „лошата“ затоа што се молела тој да не ја испие цела плата и да останат пари барем за основните трошоци.

Ме болеле нејзините солзи кога ќе ја претепал за да ѝ ги земе и последните пари што сама ги заработила за тој да оди во кафеана.

Во тие 15 години брак таа мораше да носи шминка за да ги прикрие модринките од ќотекот што го јадеше, а по разводот се шминкаше затоа што така сака, затоа што може.

Место да му ги дава парите за пиење и за коцкање, одлучи да си купи нова облека и козметика… Но, тогаш беше навредувана, деградирана, исмевана од средината.

Никогаш не можете да знаете низ каков пекол поминуваат жените што се разведуваат, не можете ниту да знаете колкава храброст е потребна да се одлучиш да ставиш крај на бракот и сама да си дозволиш да бидеш мета на јавно линчување и критики – па затоа не зборувајте.

Точно, бракот е тежок за сите. Но, за некои повеќе отколку за другите, а кога немате здрава средина за живот, разводот е најдобро решение.

Затоа пред да осудите некого, гризнете го јазикот и молчете. Знаете како ви е дома, но не знаете како им е на другите луѓе.

Со погрдните коментари не ја оцрнувате само жената на која ѝ се потсмевате, се оцрнувате и себеси, и се прикажувате како луѓе без емпатија и сочувство.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

 Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg