„Сѐ започна од бабичка на пазар која немаше пари за бадникови гранчиња“ - Приказната на скопските бадникари кои 30 години се пред Соборен храм

„Нашиот дедо, во далечната 92-ра година, на пазарчето Буњаковец посведочил на случка во која бабичка немала пари за гранче кое се продавало скапо. Тој ѝ купил гранчиња, а следната 93-та година заедно со пријателите набрал и ги купил сите од тезгите, па пред пазарчето ги делеле бесплатно. Така низ годините, скромната хумана акција прерасна во организација која се случува секој Бадник пред Соборен храм, а нас со одборот од 40+ членови и симпатизери, ни е традиција веќе 30 години, иако тој веќе не е меѓу нас“ - раскажуваат Мартин и Дарко Пановски за CRNOBELO.com. 

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram-01.jpg

Секоја година, веќе три децении наназад, на бадниковото утро, платото пред Соборниот храм во Скопје е преполно со граѓани на кои бесплатно им се делат осветени бадникови гранчиња, топол напиток и нафора, проследено со музичка програма и говор за здравица од здравичарот и кумот.

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram-5.jpg

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram-7.jpg

Низ годините, оваа организација стана толку голема, што речиси секој скопјанец слушнал за неа, но пред 31 годинa, во далечната 1992-ра година, оваа приказна започнала многу скромно, нечујно, поттикната од хуманоста на граѓанин со огромно срце, кој не можел да премолчи на неправдата на оние што се богатат на сиромашните.

Александар Пановски – Мац, на бадниковото утро во 1992-ра година, снабдувајќи се со намирници од пазарчето Буњаковец, наишол на сцена на која не можел да остане рамнодушен.

„Шетајќи по тезгите, во очи ми падна една стара бабичка, која одеше од тезга до тезга, но како ништо да не купуваше. Застана пред купот бадникови гранчиња, се пазари со продавачот, но никако да испазари.

Го вадеше паричникот ама очигледно немаше пари и натажена имаше намера да замине. Тргнав по неа и ја прашав – Бабичке зошто не купи бадник? Таа тажно ми одговори – Немам пари синко, ги потрошив на овошје. Догодина ако имам пари ќе купам.

Ја земав за рака и ја вратив кај бадникот, му дадов пари на продавачот ѝ му реков да ѝ даде две гранчиња. Навистина прескапо го продаваа, се подналутив и си реков – догодина нема да биде така, без пари ќе се дели бадникот.

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram-12.jpgАлександар Пановски - Мац на берба на бадникови гранчиња

Му раскажав на мојот пријател Борче Петрушевски – Скијачот, ни се приклучи и мојот брат Кире – Типот и се договоривме следната 93-та година да делиме бесплатно пред пазарчето, така и се случи. Набравме гранчиња од Водно и ги делевме, ни се придружи и нашиот пријател Илија Саздовски – Жабар кој донесе ракија и решо за греење.

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram-.jpg

Кога ни снема од гранчињата, влеговме и ги купивме сите од тезгите на пазар и ги делевме бесплатно. Мојсо Мојсовски и Марко Илковски беа испратени од радио да прават репортажа и така сите заедно со уште неколку луѓе, станавме одбор“ - стои во изјавата на Александар, во монографијата за Скопско бадникување. 

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram-11.jpgизвадок од објава во весникот Вечер, 7-ми јануари 1993

Така, секоја наредна година, друштвото на хумани граѓани станува сѐ поголемо, секој декември се собираат на падините на Водно за да наберат доволно бадникови гранчиња, што секој 6-ти јануари се осветуваат и делат пред Соборниот храм.

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram-6.jpg

Некогаш скромната организација на пријатели со широко срце, прерасна во Одбор, во кој членуваат голем број граѓани, секој со своја одговорност и со желба да направат добро дело на овој голем ден.

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram--2.jpg

Ангел Георгиевски, претседател на Одборот, кој е дел од бадникарите од 2002, кога бил поканет на свеченоста од тогашниот кум Влатко Стефановски, а во 2004-та и самиот бил кум, за CRNOBELO.com вели:

„Организацијата за прославата на 6 јануари е голема, вклучува многу контакти и планови однапред, пред црква го испраќаме новиот кум со пајтон, го посетуваме домот Мајка Тереза, делиме гранчиња, нафора и топол напиток, а потоа следи бадников ручек.

Во текот на годината, по прославата на Бадник, сме многу активни, продолжуваме со посета на установи на ранливи категории и дружење со актуелните и поранешни кумови и здравичари, организираме есенска акција и берење на бадникови гранчиња.

Последниот викенд од декември имаме дружење и ручек со скопјани и доберуваме гранчиња“.

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram-14.jpg

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram-03.jpg

Основоположникот Александар – Мац почина во 2014-тата година, но она што го започнал со своите пријатели, низ годините успеале да го претворат во традиција која оставила белег во срцето на три наредни генерации, па организацијата успешно се одржува 30-та година по ред, а скопските бадникари велат дека никогаш нема да згасне.

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram-6.jpg-8.jpgсредба на бадникарите за берба на бадникови гранчиња

Љубовта кон организацијата за Бадник е пренесена во неговото семејство, на неговиот син Александар и двајцата внуци Мартин (координатор на младите бадникари) и Дарко (бадникар и водител на програмата пред црква), кои успешно ги предводат своите генерации и заедно со останатите верни членови на Одборот, ја одржуваат традицијата.

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram-04.jpg

„Не би можел со зборови да опишам кое е значењето на оваа организација за мене, бидејќи случајно или не сум внук на зачетникот на истата и сум многу приврзан. Секоја година едноставно знам каде сум и што правам на 6-ти јануари, тоа е мојата одговорност, мојот завет дека ќе ја продолжам оваа традиција додека сум жив.

Од година во година сѐ повеќе млади лица се интересираат за ова и ни се приклучуваат, благодарение на енергијата и дружбата која што ја имаме во одборот. Во ова време на дигитализација, кога сѐ се одвива многу брзо и динамично, луѓето забораваат на вистинските вредности и колку е битно да си ја негуваме и продолжуваме традицијата.

Тоа е воедно и мојот план за во иднина. Од нас младите зависи дали ќе ја продолжиме традицијата или не“ - вели Мартин Пановски за CRNOBELO.com.

„За мене оваа организација е нешто свето. Членството и улогата во оваа организација за мене претставува огромно задоволство, но и обврска. Но, желбата за дружба и љубовта кон скопското бадникување е над сѐ. Јас и мојот брат Мартин низ годините со нас привлекуваме многу пријатели и благодарение на нивниот ангажман, денес имаме сериозен подмладок со кој секоја година доживуваме нови интересни моменти кои засекогаш ќе останат во моите спомени од бадникарски денови“ - вели Дарко Пановски за CRNOBELO.com.

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram--- (1).jpg

Сепак, тука се и ветераните од генерацијата на Мац, меѓу кои Никола Георгиевски, Мојсо Мојсовски, Ванчо Стевковски, Благоја Анчевски - Дечко, кои иако останаа без голем дел од своите пријатели бадникари Марко Илковски, Борче Петрушевски, Славе Анастасов, Илија - Жабарот, Кире - Тип, несебично се вложуваат до последен атом енергија за оваа организација да функционира како што треба и никогаш да не згасне.

„Ништо не е тешко кога тоа се прави со љубов и желба тоа да опстои како што и опстојува прославата на Бадник.

Најголемата поткрепа е добрата тимска работа на сите членови кои даваат сѐ од себе да успешно се завршат сите работи (кои не се малку) околу припремите за успешна прослава на Бадник.

Поред сите предизвици и лоши и добри, ЕДНАШ БАДНИКАР ДО ГРОБ БАДНИКАР!“ - вели Никола Георгиевски, координатор во Одборот.

Низ годините, во улога на кум на Бадник, се нашле многу звучни и големи имиња, скопјани кои биле дел од оваа хумана акција, меѓу кои: Трифун Костовски, Влатко Стефановски, д-р Јовица Угриновски, Љупчо Николовски - Фуфо, К-15, Димитар Јосифовски, Савка Димитрова, група Синтезис, Живко Мукаетов, д-р Никола Пановски, Драган Спасов - Дац со Александар Митевски и многу други. 

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram--.jpgсредба на стари бадникарски кумови низ годините, 2022 год.

Секоја јубилејна година, традиционално, кумството го добиваат претставници на одборот - во 2003 тоа бил Славе Анастасов - Желчето, во 2013 - Александар Пановски - Мац и Борче Петрушевски, а оваа 2023-та и 30-та по ред, Мојсо Мојсовски и малиот Марко Илковски (во чест на неговиот дедо по кој го носи името, кој почина во 2022).

Оваа година, на 6-ти јануари во 10 часот наутро, не пропуштајте да отидете во Соборниот храм, да запалите свеќа, да си земете осветени гранчиња, нафора и топол пијалак, и накратко да се забавувате на програмата која ќе ја сочинуваат Александар и Дац, Кристина Мукаетова, Силви Бенд, пред да се вратите во своите топли домови и заедно со семејството да седнете на бадниковата трпеза. 

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram- (1).jpg

s-zapochna-od-babichka-na-pazar-koja-nemashe-pari-za-badnikovi-granchinja-prikaznata-na-skopskite-badnikari-koi-30-godini-se-pred-soboren-hram-6.jpg-10.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

M. M. | Црнобело/ Фото: Десо

Би можело да ве интересира:

Александар Динев за CRNOBELO лексикон: „Ми се допаѓаше девојче од клас, дечко ѝ ми беше најдобар дру... „Како мал имам паднато на остар камен, директно во чело. Кога станав, истиот ми ...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Кога си го возам бебето во количка низ Скопје ми требаат „супер моќи“ Постојано се качувам и симнувам од тротоар поради паркирани автомобили, правам р...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg