Исповед на млада мајка од Скопје: „По породувањето не сакав да се погледнам во огледало, плачев“
Исповед на една млада мајка од Скопје на тема „Вистината по породувањето“....
Тема за која вреди да се пишува затоа што голем дел од мајките се се нашле повеќе или помалку во оваа ситуација, со истите споделени чувства и моменти.
Искрената исповед за CRNOBELO.com:
„И така дојде денот на моето породување. Мислев дека сум подготвена за тој голем ден, но всушност бев поисплашена од кога било. Дали ќе биде сè во ред, за колку време ќе заврши процедурата, што ме очекува?
Како ќе се чувствувам? Како ќе изгледа моето бебе? И илјадници прашања низ главата, додека се виткам од болки.
И да, сè помина во најдобар ред, јас и бебето во прегратка после неколку минути од неговото раѓање. Чувството - неописливо.
Посакувам секој да го доживее бидејќи не се опишува со зборови, туку само со срцебиење.
Што потоа?
Потоа следуваа неизбежните болки од закрепнувањето и предизвикот наречен „доење“.
Имам млеко, бебето не сака да цица. Јас под стрес, нема кој да ми покаже како да го наместам детето.
Среќа, моите цимерки од болничката соба беа веќе искусни со по две деца, па целиот процес можев да го гледам и да го учам тие денови додека бев таму.
Се подготвив за моето заминување дома, со мислата... „Што ме чека.?“ Таму нема да имам помош, ќе бидеме само јас и мојот сопруг.
Исплашена, но среќна влегов во новиот свет кој ме чекаше. Светот на мајките.
Никој не ме подготви за тоа како ќе се чувствувам...
Да, никој не ме извести дека хормоните ќе ми бидат побудалени, па солзите ќе капат сами. Час од среќа, час од немоќ, за момент од замор, за момент од беспомошност.
Сите те подготвуваат за породувањето, но не и за твојата психичка состојба за која никој не сака да говори.
За плачењето под туш, за лечењето на лузната од царскиот рез, колку е тешко да седиш, да стоиш и да седиш. За промената во исхраната која мора да ја превземеш, како би имала квалитетно млеко. За твоето бањање кое е на закажан термин.
За мрсната коса која ја носиш во репче и широката облека од маж ти, кои ги носиш бидејќи килограмите кои ги стекна во бременост, не се изгубија магично. За виснатиот стомак и градите кои веќе не се тоа што беа.
Не се чувствуваш своја. Не се чувствуваш посакувана, ниту убава.
За постпородилната депресија за која многу се зборува, но малку се превзема.
За фактот дека ти си истата, но всушност веќе живееш нов живот за кој не ни замислуваше како ќе се одвива.
Напната, во грч и страв постојано дека треба да гледаш едно мало дете, а сама со себе не можеш да се справиш....
.... Продолжува...
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. У. Т. | Црнобело / фото: freepik.com