Незгодно ми е што на Македонците од ништо не им е незгодно
Не знам за другите држави, но кај нас од ден на ден сѐ почесто се среќавам со луѓе кои едноставно народно кажано „немаат ниту срам ниту перде“.
Веќе на нас Македонците како од ништо да не ни е непријатно, а и кога ќе погрешиме не се чувствуваме должни да се извиниме, туку напаѓаме.
Уште посмело од претходно со носот во облаци.
„Јас не сум виновен/на!!!“ и толку.
Ние сме безгрешни, ние на мравка не газиме, а всушност по лешеви чекориме.
Гледаме само за своето добро и да го искористиме максимумот од другите луѓе, па дури и тоа да значи да го исцицаме последниот атом сила од нив.
Повеќе за нас ништо не е свето.
Газиме по туѓа гордост, достоинство, живот, брак, постоење што и да е.
Нарушуваме туѓ животен ритам и не сме загрижени за истото, важно е нашиот ритам да не се наруши.
Буквално си го гледаме својот себичен интерес и сметаме дека сите треба да му бидат во служба на истиот.
Никогаш не подзастануваме да размислиме, да се запрашаме како им е на другите.
Дали можеби ги повредуваме нивните чувства? Дали можеби го загрозуваме нивното здравје, живот и добробит?
Дали можеби сме премногу себични и користољубиво настроени за да бидеме дел од едно општество каде секој еден од нас е штрафче од големата слика?
Можеби убава промена би била барем за миг малку помалку да мислиме на себе и малку повеќе на другите?
Малку помалку да мислиме што сѐ можеме да искористиме од нив и за промена да помислиме што би можеле да им дадеме...
Да помислиме како ние еднаш да помогнеме некому, да олесниме нечиј живот, да не го гледаме низ нашата себична призма на тоа колку можеме да му земеме.
Не знам како е во другите земји, но кај нас сѐ почесто го гледам ова и апсолутно не ми се допаѓа.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С.| Црнобело / фото: depositphotos.com