„Од Македонија отидов да волонтирам во дом за стари лица во Турција, а дедо Ахмет ме дочекуваше со чај и насмевка“
Кога првпат отидов во домот за стари лица во Турција каде што имав за задача да се дружам со постарите, да играме игри, да пиеме чај и да правиме разни рачни изработки, знаев дека ќе добијам повеќе отколку што ќе можам да дадам.
Деновите во неделата кога требаше да одам во домот ми беа едни од најомилените. Се спремав со насмевка и знаев дека и таму ме чека истото.
Дедо Ахмет секогаш седеше на клупата на влезот, понекогаш со уште неколку пријатели од домот, но повеќето денови седеше сам и уживаше во турскиот чај. Кога пристигнавме заедно со другите волонтери од различни држави, тој секогаш прашуваше дали сакаме чај, а ние никогаш не одбивавме.
Не се разбиравме многу, ама знаевме по некој збор на турски, па дедо Ахмет и другите дедовци беа среќни што се трудевме и барем можевме да им се заблагодариме за чајот и да им посакаме убав ден.
Освен дедо Ахмет, запознав и неколку слатки бабички кои ми останаа во сеќавање бидејќи еден ден навистина ги насмеав кога носев модерни искинати фармерки. Не разбрав што си зборуваа меѓусебно, но доволно беше да разберам дека моите фармеки воопшто не се модерни за нивниот свет. Но, сигурни имаат внуки и внуци, па ова и не им беше толку ново за да ме гледаат со чуден поглед.
Понекогаш игравме табла, имаше две бабички кои ни покажаа како се плете, а една бабичка која секогаш беше насмеана ни ја покажа нејзината соба полна со рачни изработки. Иако беше околу 80 години, таа сѐ уште ја имаше својата детска душа, креативност и љубопитност, па сакаше да бои, да прави разни магнети, украси од секакви материјали и имаше направено часовници за собите за повеќето од нејзините пријатели во домот.
Таа е вистинска инспирација дека годините не треба да ни пречат за да го правиме она што го сакаме и да уживаме во животот.
Некои денови членовите на домот не беа многу заинтересирани за активности бидејќи немаа енергија и само сакаа да си гледаат турска серија. Така и ние со нив, само седевме, гледавме серија или само се гледавме - да, само се гледавме.
Нивните среќни лица навистина ми го разубавуваа денот, бидејќи за нив беше доволно да бидеме таму и да не се чувствуваат сами.
Понекогаш пред да отидам си пишував неколку фрази на турски за да ги прашам нешто за нивниот живот, а некогаш имаше локални волонтери кои ни помагаа со превод. Кога имавме помош за превод секогаш сакавме да ја искористиме таа прилика за да дознаеме повеќе за приказните на членовите на домот.
Ни раскажуваа за нивните родни места, за нивните деца и внуци, што правеле кога биле млади.
Дедо Ахмет танцувал фолклорни танци (и секако ни покажа неколку чекори), некои биле учители, други војници, а еден пар од Албанија беше пресреќен кога слушна дека доаѓам од Македонија. Тие се од турско-албанско потекло и се преселиле во Турција кога двајцата имале околу 45 години, а кога биле млади секогаш патувале за Македонија на прошетки, а омилени градови им биле Скопје и Тетово.
Ни кажуваа дека треба почесто да патуваме и да си ја цениме младоста бидејќи кога ќе ги имаме нивните години ќе немаме енергија да ги направиме сите оние работи кои сме сакале да ги направиме на 20 или 30 години. Тогаш ќе сакаме само да седиме дома, да чекаме храна и да гледаме серии цел ден.
Постарите луѓе имаат многу искуство во животот и можат да нè научат како да издржиме разни животни промени и како да се справиме со животните предизвици. Како и секој човек и тие заслужуваат почит. Кога му оддавате почит на некого, тоа значи дека веќе сте го направиле првиот чекор кон добивање место во неговото срце.
Ова беше навистина преубаво искуство со мали, но прекрасни моменти кои барем за кратко направија да заборавам на сè и да подарам време на луѓе кои можеби веќе ги поминуваа последните денови од нивниот живот.
Ако имате можност да волонтирате во дом за стари лица, направете го и ќе имате најубави спомени. Или едноставно, посетете ги вашите баба и дедо и напијте се чај заедно. На нив премногу ќе им значи.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. Г. | Црнобело / фото: pixabay.com