Немам намера да се правдам наоколу. Се разведувам затоа што така решив
Дојдов дома попарена и по 2 месеци криење од моите родители дека бракот не ми е сјајен и вежбање пред огледало како да кажам, решив да споделам со нив што ми лежи на душа. Вртев наоколу, јазикот го плеткав, цела препотена, небаре правам нешто погрешно и страшно, решив да си ја олеснам душата.
„Јас се разведувам, процедурата почнува наредна недела. Не се обидувајте да ме премислите, доволно ми е тешко, а истовреме и силно сум одлучена дека тоа е правилниот потег. Само сакав да сте запознени со ситуацијата”, без многу кружење на темата, јасно, гласно и директно им кажав.
Настана тишина. Моите попарени, побараа вода и столче да седнат.
Татко ми со отсечен став и осуда од старт. „Што ќе правиш сама, никогаш никој нема да земе веќе разведена жена. Ајде смири се и среди се, дај шанса и така никогаш не научи за компромис, избувлива си".
Мајка ми малку посмирена секогаш со истото прашање „Каде ја згреши работата?”
А зошто мора некој да згрешил и најчесто тоа да сум јас?
Едноставно не сме еден за друг и тоа го сфативме на време, па свесно решивме ете, и да немаме деца. Барем тоа од малку ја олеснува ситуацијата што и онака не е лесна. Зошто тоа да е толку тешко прифатливо?
Зошто на кој било околу мене треба да му давам причина зошто решив да почнам нов живот?
Па, нели животот е еден за секој, и треба да се искористи максимално? Ако имам 34 години не значи дека нема да добијам нова прилика за љубов. Кој ме брза да се мажам пак? Може ќе раѓам подоцна, и тоа е веќе достапно.
И зошто да се срамам од луѓето? Не должам никому ништо, ниту пак хартијата и прстенот се вечни, ако среќа нема.
Ако дома доаѓам нервозна, ако избувнувам без причина, ако излегувам од дома со караници, а се враќам во солзи од убави настани каде што треба да делам среќа... Тогаш, каде е потребата да бидам во брак?
Живееме во општество каде што сечија уста има што да каже. Секој разведен човек е „обележан”, па секој си зема за право да го смета за нечесен - ја изневерил сопругата (маалски муабет), или за ненормален, што не може да си го спаси бракот, за глупава жена – зошто испуштила „златен маж”.
Никој од нас не знае што се крие зад затворени врати.
Доста ми е од глума и лажни насмевки по гости и родендени, како сме среќен пар кој живее во компромис. Сите имаме проблеми дома, поголеми или помали. Некој ќе ги надмине, некој ќе замижи на нив, ќе се скрие под черга, ќе се голтне кнедла.
Некогаш ќе простиш „бела лага”, ќе замижиш на СМС од непознат број, па и ќе простиш неверство....
Но, некогаш едноставно веќе товарот не можеш да го доносиш на грб, па решаваш конечно да се ослободиш и спасиш и не си должен никому да положиш сметка.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. У. Т. | Црнобело
Фото: freepik.com