Се згрозив во кафеана во близина на Скопје - мачки ја дојадуваа храната од чиниите, никој не раскрена
Саботно сончево утро, со пријателите решивме да одиме на ручек во еден од рестораните во околина на Скопје. Сонце, дворче, храна, дружба - сè на едно место. Кога пристигнавме таму, бев вчудовидена колку ресторанот се променил од последниот пат кога бев таму, проширен и среден, па се понадевав дека и услугата ќе биде на завидно ниво.
Епа не излезе баш така!
Во дворот нè пречекаа безброј мачки и кучиња кои не беа домашни миленици, но поради фактот што миризбата на храна беше видно застапена, истите тие животни се шетаа постојано околу масите.
Имаше гости кои ги хранеа, но и такви кои се покајаа што дошле и што не можат комотно да седнат и да ручаат. Особено фамилијарните, кои не можеа спокојно да ги остават малите деца да си играат низ дворот.
Тогаш пријде келнер на кој хигиената не му е најсилна страна очигледно, затоа што непријатниот мирис беше многу силен, па се обрати со надмен тон во стилот: „Ако сакате скоро да јадете, нарачајте сè што планирате, за да не прашувате после до каде е храната, гужва невидена е!”
Ние вчудовидени од коментарот, почнавме да бараме менија за да видиме што се нуди, што е и нормално.
На крајот од денот, кога веќе ресторанот го прошируваш, сети се дека кујната од каде излегува храната, треба да е доволно голема и оспособена да ги опслужи сите гости кои дошле и решиле баш тука да платат.
Нормално, цените „боли глава“ (иако не важеше за скап ресторан, ниту пак нуди специјалитети кои е во ред да се издвојуваат на цена).
Секако, цените ги заборавив во истиот момент кога од мојата десна страна, гостите решија да си заминат, а мачките да си седнат, па фино лепо ја дојадоа храната и ги излижаа чиниите.
Е после таква глетка, искрено веќе ти се одјадува.
Па, си викаш дали да викнам инспекција, дали да сликам и објавам на социјални мрежи, па да расипам репутација...
И тогаш ќе се сетиш на сите оние кои креваат бунт кога ќе се спомне деликатна тема како „животните“, видно загрижени повеќе за нив, отколку за луѓето, па си викаш – Секако сѐ е залудно.
Ова не е твојата прва кафеана каде си била, ниту пак само ти го гледаш ова, а секако главниот проблем е што сите околу тебе немаат проблем.
Нашата убава дружба брзо решивме да ја завршиме со оглед на условите, па кога дојде сметката, имавме и за што да се зачудиме. На неа, нарачки двојно напишани, храна што не сме ја нарачале и секој пијалак посебно наплатен, како би можел да се изгубиш од броење.
И тогаш дрскиот келнер си продолжи со неговиот однос, па на нашата реакција за сметката, имаше одговор – „Тоа сте нарачале, тоа сте добиле".
Браво за тебе, културно се изрази, а и убаво ја изрекламира кафаната од каде што вадиш леб за дома. Мизерна услуга за која секако се чека бакшиш.
Веќе не е за парите, туку за односот кој не доликува на млад човек, ниту пак на ресторан којшто за викенд треба да биде полн со услужлив персонал каде што ќе ти биде пријатно да седиш, а не да бркаш келнер за нарачка на вода, притоа вода, која се наплаќа 200 денари од шише.
Во сечија сметка може да има пропуст, намерен или ненамерен, твое е да го поправиш доколку биде забележан, да се извиниш културно, а можеш и да почестиш ако ништо друго, едно кафе или баклава од куќата.
Ти нема да се осиромашиш, а јас ќе дојдам пак.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. У. Т. | Црнобело
Фото: pexels.com