Сексуалната едукација не е Баба Рога ниту е мода – таа е неопходна потреба на денешната младина

Јас, 13-годишна тинејџерка. Живеам во мал град во источниот дел на Македонија и за првпат во животот добивам менструален циклус. Збунета сум и исплашена, по малку засрамена. Малку доцнам, дел од моите другарки веќе имаат добиено циклус.

seksualnata-edukacija-ne-e-baba-roga-nitu-e-moda-taa-e-neophodna-potreba-na-deneshnata-mladina-01.jpg

Мајка ми ми подава хигиенска влошка која невешто ја местам на долната облека. И ми се обраќа строго, речиси набожно – „Сега си веќе жена. Мора да внимаваш“.

И толку. Јас не се осудувам да изустам ниту едно прашање, а за мајка ми лекцијата е завршена.

Со дел од другарките кои веќе поминале низ ова ранливо интимно искуство се обидуваме да ги составиме делчињата од сложувалката наречена прв менструален циклус.

Едната од нив ми потврдува дека влошката не се менува на секои 3 капки крв, како што направила таа првиот пат и потрошила 2 пакетчиња влошки во еден ден.

Другата потврдува дека спие со шише топла вода поради неподносливите грчеви во стомакот. Третата дека пие мешавина од некаков планински чај.

Генерално сме безидејни, зборуваме тивко, исполнети со прашалници и лица обоени со чуден срам. Годината е 1998, немаме интернет, немаме пристап до никакви информации за работите кои нè интересираат.

Нашите родители беа грижливи и посветени, но ова беа работи за кои не зборувавме. Ова ви го потврдувам од името на сите девојки од мојата генерација.

Нашето знаење во врска со сексуалното интимно здравје беа шепоти, недоречености во школскиот двор зад училиштето, искуства од малку постари братучетки кои се охрабриле да зборуваат на оваа тема и ни пренеле по некој збор. Но, недоволно јасно, нецелосно.

По преселбата во главниот град, во првата година од средното училиште, имавме едукативен час за сексуално и интимно здравје. Го одржа една постара докторка, која на јасен и прецизен начин го објасни менструалниот циклус, влијанието на хормоните врз нашето тело.

Она што започна малку потсмешливо од група на гласни тинејџери се претвори во предавање подолго од два часа во кое одѕвонуваше само гласот на докторката.

Сите недоумици во врска со циклусот, хормоналните промени, првиот сексуален однос и последиците од истиот ни беа разјаснети. Тоа беше час на кој сите наши прашања беа стручно одговорени, на начин соодветен на нашата возраст и ранливост.

Сите небулози кои се ширеа помеѓу нас младите, од типот на „не може да забремениш од првиот или за време на сексуален однос“, „не може да имаш бактерија доколку не си имала секс“, „белото прање се лекува со лукче или јогурт“, до подмолната кандида, ХИВ и сите начини на контрацепција, ни беа детално објаснети. 

И не можам да објаснам колку бев благодарна за тој час и тоа искуство што нè принуди да размислуваме многу повеќе за себеси, своите одлуки и интимното и репродуктивното здравје.

Ова се случи во далечната 2000-та. Па моето прашање е – како е можно, 22 години оттогаш, сè уште жестоко да ја анализираме и дебатираме потребата од сеопфатно сексуално образование (ССО)? Како е можно таа сè уште да е предмет на дискусија како изборен, наместо како задолжителен предмет во училиштата?

seksualnata-edukacija-ne-e-baba-roga-nitu-e-moda-taa-e-neophodna-potreba-na-deneshnata-mladina-2.jpgфото: pch.vector / Freepik

Еве ги контра-аргументите на најгласните против сексуалното образование на неуката младина:

„Дали нам некој мораше да ни го објаснува сето ова, па нели сето тоа доаѓа природно?“.

- Да, мора некој да ни го објасни сето ова. Не дојде природно ниту за мојата генерација, дојде во облик на предавање од стручна докторка која ни даде одговори на прашања кои не се ни осмелувавме да ги изговориме од страв и срам, а домашните ги третираа како табу теми, едни од оние работи за кои вечно се молчи.

„Вие сакате да ни ги сексуализирате децата“.

- Верувајте, децата се многу понапредни од сите претходни генерации, а 24-часовниот пристап до интернет им нуди достапност до сите овие теми. Изложени се на голотија, симулација на сексуален однос, веб страници со порнографски содржини, апликации за состанување.

Вие не се грижите за ништо од ова, но сте така силно против сексуалното образование во училиштата? ССО во никој случај не може да ги „расипе“ децата. Може само да им помогне, да ги едуцира и заштити.

Наспроти верувањето дека ССО е нешто „валкано, перверзно, злокобно“ и не е воопшто добро за децата, тоа ги учи да ги препознаат различните форми на насилство, вклучително и врсничкото насилство, толку присутно, а сепак игнорирано во нашето општество.

Особено актуелен е и „секстингот“ (испраќањето на сексуални содржини преку онлајн канали), а ова не е нешто што ССО го охрабрува.

Сеопфатното сексуално образование ги учи децата како да се заштитат и меѓу другото акцентира зошто особено важна е согласноста – кога не значи НЕ, најосновниот принцип во меѓучовечките односи кој сите некако го занемаруваме и го буткаме под тепихот.

Голем број истражувања покажуваат дека кога децата имаат сексуално образование, подоцна стапуваат во прв сексуален однос (WHO, Currie et al, 2012) и се намалува ризичното однесување со што се намалува бројот на малолетнички бремености и сексуално преносливи инфекции (Haldre, Part, Ketting, 2012).

Да ја земеме за пример Холандија каде што ССО е задолжителен предмет со години и покажува одлични резултати.

Имено, во 2019 година, просечната возраст на која младите обично стапувале во прв сексуален однос изнесувала 17 години, додека 3 години подоцна, во 2022 година, младите во просек го имаат првото сексуално искуство на 18,1 години.

„Сакате да им наметнете на децата идеи во врска со сексуалната ориентација низ програмата за ССО“.

- Сексуалната ориентација не е избор и не е нешто што се „учи“, но она што може ССО да ги научи децата е да не дискриминираат и да ги сфатат и прифатат различностите.

Замислете свет во кој никој не е мета на исмевање или насилство поради која било причина, вклучително и сексуалната ориентација. Свет исполнет со разбирање, толеранција и емпатија.

„Ги решивме сите проблеми, уште сексот ни остана“.

- Да, токму така, сексот е равенка за многу млади луѓе и сите се во потрага по формулата за решавање на проблемот. Па наместо да плетете приказни за штркот кој ги носи децата, можеби е добро да им се остави ова на обучени лица кои прецизно и методично ќе им објаснат сè што ги интересира.

И можеби, само можеби, ќе престанеме да одбегнуваме одредени гинеколози затоа што се мажи и прегледот кај нив е нешто срамно.

И ќе престанеме да ги криеме влошките во илјада хартии во продавници за да не нè види никој како ги купуваме, бидејќи и тоа е срамно.

Ќе престанеме да го третираме циклусот како некоја заразна болест, а тампоните и менструалните чашки како државни непријатели само поради нашата оскудна едукација за истите.

Отворено ќе зборуваме за првиот сексуален однос и последиците од него.

Нема да дозволиме никој да ги убедува девојките на секс без контрацепција. Сите ќе го почитуваат зборот НЕ наместо да останат глуви при неговиот изговор, макар бил тивок шепот.

Ќе ги едуцираме машките за сè од горенаведеното, вклучително и дека пиењето терапија со вашата девојка не е ништо страшно, бидејќи во спротивно, само ќе си ја „префрлаат“ бактеријата еден на друг.

Повторувањето е мајка на знаењето, а со доволно повторување ќе ги научиме младите дека сексот е битен, тој е потреба, тој е уживање, но и одговорност и мора да ги знаат сите подробности околу истиот.

Затоа што ако не го научат ова на училиште, сигурно нема да се едуцираат дома или на интернет.

Сексуалното образование не е Баба Рога ниту пак излезе „некаква мода“. Колку побрзо го сфатиме ова, толку повеќе ќе си ја заштитиме младината и идните генерации.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
„Со сопругот толку бевме фокусирани на децата, што заборавивме на нашиот брак“ Јас и сопругот толку бевме фокусирани на грижата за нашите деца, што заборавивме...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg