Ги карам децата на улица во Скопје – ми дотрчува баба со критики, ставам тетоважа – ме судат роднините
Дотеран маж - гарант е бизнисмен и ја изневерува жена му, 100% сите му се лепат, гледај и скап автомобил има... Ако не е дотеран, пак не чини: „Има ли бе овој жена, мајка, види го каков е неугледен, беќар ќе остане цел живот...“ Зошто судиме веднаш?
Светот ќе стане подобро место за живеење, ако секој си ги живее својот живот и ако научи да ужива во тоа. А не може да се почитувате себеси и да уживате во сопственото, доколку постојано сте оптоварени со другите луѓе, нивните достигнувања, падови, неуспеси, пари и постапки.
Во тој контекст не можам, а да не ги спомнам предрасудите.
Ако видат пирс: „Аууу, бљак, како можеш да се 'дупчиш' по телото?!“
Ако видат тетоважа: „Лелеле, барем да ја скриеше, цел живот ќе ти стои тоа грдото на тебе?!“
- Не бе, пеперутка е на сликата, за 5-6 години сама полетува....
Ако си во мини здолниште: „Не те личи, вулгарно е“.
Ако си родила деца мора да си пристојно облечена, мајка си!
- Е арно де, мајка сум, не сум калуѓерка.
Ако не се шминка: „Види ја на што личи, малце да се упристои барем, вака ли се излага од дома?!“
Кога е нашминкана: „Што се замислуваа бе онааа, како старлета да е, па уште и црвен кармин ставила“.
Дотеран маж - гарант е бизнисмен и ја изневерува жена му, 100% сите му се лепат, гледај и скап автомобил има...
Ако не е дотеран, пак не чини: „Има ли бе овој жена, мајка, види го каков е неугледен, беќар ќе остане цел живот...“
Кога татко ги чува, храни и шета децата: „Има ли бе детево мајка, греота човекон, цел ден е со детето.“
- Па негово е де, не му е позајмено!
Кога мајката го прави истото: „Види ја, дома не е прибрана, кога ќе стигне да исчисти, да испегла, само шета со бебено.“
Ако ги искараш децата на улица, одма трча некоја баба да те посоветува дека деца дома се воспитуваат.
Ако ги оставиш, трча да ти каже да си го прибереш детето.
Ако пиеш алкохол во град, пушиш цигара и танцуваш, радодајка си и личиш евтино.
Ако стоиш и пиеш сок: „Гарант е досадна или не знае да се забавува, нека си оди дома, не ѝ е тука место очигледно“.
Епа луѓенца, не знам како е по светов, ама сите сме свесни дека кај нас вака функционираат работите и сите сме најпаметни за туѓите животи и проблеми, а за нас не смее збор да се каже, или не дај Боже некој да се осуди да нè искритикува.
Мојот живот е моја работа, не се замарам со другите и не знам зошто си го губат времето со анализирање на мојот живот.
Гордо си ја носам тетоважата, и воопшто не се заморувам дали на другите им се допаѓа, немам пирс и не осудувам никој што има, излегувам облечена како што сакам, пијам што сакам, го организирам животот со партнерот како што сакам и супер ми е.
Знаете зошто? Затоа што фокусот ми е на мојот живот. Јас сум една и немам намера да живеам животи на 100 луѓе.
Тешко ми беше додека да го сфатам ова, ама откако успеав, конечно се чувствувам среќна и ослободена.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Кара | Црнобело / фото: freepik.com