Кој ќе ве повика на интервју за работа кога наместо вас се јавува вашата мајка „само да праша нешто“?
Мојата пријателка работи како регрутер во оддел за човечки ресурси, а една од нејзините обврски е да наоѓа нови, потенцијални кадри за различни работни позиции. Последниве неколку години постојано се соочуваат со истиот проблем – родители кои го креваат телефонот во име на децата „само за да прашаат нешто“ наместо нив. Ова, на прв поглед, не е некој голем проблем, нели? Детето е на пуст остров, па нема пристап до телефон и интернет. Или има ларингитис, па не може да зборува.
На прашањето – каде е потенцијалниот кандидат за работното место? – родителите одговараат: Па еве го тука, до мене е.
Па зошто добога не ја земе слушалката и не праша самото што го интересира или не седне да срочи еден обичен мејл до работодавецот?
Што мислите, колкави се шансите поединецот да дојде на интервју кога не е способен ниту да се јави и да праша едно најобично прашање врзано околу работата? Нула.
Шансите се нула (освен, доколку нели вујко ви или партиската книшка не работат за вас, ама да не одиме во длабокото сега, бидејќи зборуваме за регуларно вработување во приватен сектор).
Не можам да го сфатам поривот да имаш 25+ години и да ги тераш мајка ти или татко ти да ѕвонат некаде наместо тебе за да ти завршат некаква си работа.
За преглед, за сликање за пасош или возачка, за интервју за работа, за тоа кои документи ти се потребни околу нешто… што си ти, слеп, сакат, неписмен?
Уште повеќе не можам да ги разберам и родителите... „Не се мачи, еве мама ќе праша наместо тебе. Тато ќе ги однесе документите. Ти да не чекаш во ред, никако, немој да се помачиш да стоиш во место цели 10 минути, првенец на мајка, јунак на татко!“
Имаме преголема љубов и заштитнички чувства кон децата, но тоа оди кон граница каде што ги претвораме во најголемите неспособни паразити.
А подоцна плачеме и се чудиме зошто не можат да се снајдат. Затоа што не сте им дале шанса. Месено, изџваканo, сервирано, послужено… да не се помачи синко или ќерето, за ништо.
За многу брзо животот им удира такви шлаканици што не може да се свестат каде се и што ги снашло. Па како е ова можно, па животот не е фер… солзи и лелеци за една најобична уплатница.
Па оставете ги децата самите да се снајдат. Може нема да успеат од прв, втор или трет пат… и тоа е во ред. Но, ќе научат.
Нека се извалкаат, и нека паднат, и нека се помачат, и нека плачат, и нека доживеат неправда, и нека замолчат, и нека викнат кога ќе биде потребно…
Со еден збор, дозволете самите да си ги извојуваат сите битки и да доживеат и победа и пораз.
Бидејќи сè тоа е составен дел од животот. И никој не се спасил од овие работи. Во спротивно, ќе одгледувате разгален паразит кој ќе биде неспособен на 30+ години да си плати една најобична сметка за телефон.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело