Дојде време да треба да продадеш бубрег за да си купиш стан во Скопје
Кој си има покрив над главата, нека им се заблагодари на сите ѕвезди и светци на небото. Оној што планира наскоро да си купи стан, исто така советувам да им се помоли на светците. Иако не знаеме баш од каква корист ќе се, освен ако не удираат темели на некоја новоградба.
Добредојдовте во Скопје, најлуксузниот град на Балканот и пошироко. Цените на становите „рипнаа“ над стандардните 950-1150 евра по метар квадратен.
Сега веќе зборуваме за вртоглави суми кои се движат од 1300 евра па нагоре, достигнувајќи до 1800 евра по m2.
Скопје ли е, Њујорк ли е. Во Солун, град кој излегува на море и е вистинска метропола, а не мала неурбанизирана бетонска џунгла во која секојдневно дишеме отрови, квадратот е поевтин.
„Па купете си во Солун тогаш!“ Не бре, зошто? Ќе ги изнакупиме сите станови кои ги нудите по безумни цени.
Ќе се задолжиме до Бога и гроба, ќе робуваме и по 50-60 години на станбени кредити додека не остариме, за шупи од 40 метри квадратни.
Само да се богати урбаната градежна мафија, а луѓето да мизеруваат во име на тој „покрив над главата“.
Многу аргументи се изнаслушав за поскапувањето на становите во Скопје, но и во останатите градови низ Македонија, како Охрид, Кавадарци, Штип…
Пандемија нè спопадна, поскапеа работите, нафтата, бензинот, односно транспортот е поскап, железото, материјалите и што уште не. Во ред, ајде да речеме дека тоа „држи вода“.
Ама стари станови, изградени во 60-тите до 80-тите, што точно поскапе во нив? Кои материјали поскапеа во овие руинирани градби, нереновирани со години, со стара инсталација и дотраени врати, прозорци и паркети?
Како овие станови ги нудите по 1400 и 1500 евра по м2, да ми е да знам. „Атрактивните локации“ ви се празни муабети, а вашата алчност нема крај.
А, луѓе од очај се подготвени да направат сè во името на именката дом.
Такво време дојде – продади бубрег за да си купиш стан. Секако, доколку бубрегот не ти е веќе оштетен од стресот и маките во оваа луда држава. Подобро е сепак да не сметаш на него…
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело