Скопјанец кој во пензија живее со 300 на час ми е Инстаграм инспирација - така треба во животот!
Кога кажувам дека некому завидувам (читај восхитувам), тогаш мислам на него! Браво, така треба во животот...
фото: depositphotos.com
Многумина ќе се пожалат „Леле, толку совршенство се промовира на Инстаграм, нереално“, па ќе прашаат „Не ли те нервира тоа? Не ти создава анксиозност?“
Апсолутно не! Прво и основно тоа не ми буди восхит, а и да ми будеше ќе ми беше инспирација и поттик, а не демотивација и фрустрација.
Но на страна тоа, лично јас навистина не би трошела време и енергија да правам исценирани фотографии со 300 детали, но дефинитивно немам ништо против тие што ги прават. Тоа не ми пречи, им велам браво за посветеноста.
Туку мене еден друг Инстаграм профил ми привлекува внимание. Од едноставна причина што во тоа се пронаоѓам, односно тој животен стил го сметам за поим за среќа (лично јас, не значи и другите).
И така е тоа најчесто во животот, се фокусираме на она кое нам ни е претставува како треба работите да бидат или животот да се одвива и сметам дека тоа е правилно.
Јас му завидувам, односно многу лошо звучи зборот завидувам затоа што не го чувствувам тоа, туку ќе кажам јас му се воодушевувам на еден човек од Скопје кој веќе цела снежна сезона со АТВ си крстосува низ нашите планини, си се дружи со најсаканите членови од семејството и си наздравува со пријателите по кафеани.
Ете, тоа е живот и тоа е смислата на животот за мене! И не реков дека е правилно и дека секој треба така, туку за мене тоа е правилно.
Да бидеш спонтан, свој, да живееш така како што сакаш, кога сакаш, со кого сакаш и во која доба од животот сакаш.
Таквите луѓе ми се инспирација за како треба!
Ниту една совршена модна комбинација, пеглана 3 часа, или прецизно декориран оброк нема да ми поттикнат апсолутно никакви чувства кога ќе ги видам на фотографија, како овој човек со „неуредна“ фризура со својата омилена јакна кој живее воден од страста и хранет од адреналинот.
Се живее за моментите кога крвта забрзано ви струи низ вените, за моментите кога сами себе си правите убаво на душичката, за моментите кога со саканите се гушкате, со пријателите се смеете, со другарите си „пуштате“ шеги на сметка еден на друг.
И најважно од сè е ако веќе користите социјални мрежи, да не дозволите тие да ве полнат со негативни емоции, туку да следите само профили на луѓе кои ви се инспирација.
Ниту да се споредувате, ниту да се натпреварувате, само да се инспирирате, да се радувате на туѓата среќа, да ја цените убавината на животот, без разлика во што се крие таа убавина според вашите критериуми, и да си направите сè што е во ваша моќ за да бидете среќни и среќа да зрачите.
Навистина нема потреба од негативни коментари по социјални мрежи за како некој погрешно ги прави работите или како промовира нешто нереално.
Што ви пречи тоа вам и што ви менува во животот што прави некој друг? Ако тој профил не ви прави убаво на душата прескокнете го, ако ви прави пофалете го, но никако не се осмелувајте да напишете мрачен коментар.
Во таква ситуација можеби нему ќе го расипете денот, но со тоа и повеќе од сигурно е дека нема да си го подобрите својот.
Јасно е мислам... Среќата сами си ја креираме.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com