Наставничката ги нарекла учениците „стока“ и сите се ужаснати, ама никој не е навреден од нивното недолично однесување
Наставничка ги навредила учениците со страшен збор. Да, „стока“ не е пријатен збор, освен кога се употребува за вистинската намена, никако за ученици. Да, не е во ред во образовна институција да се употребуваат вакви зборови. Срамно е, недолично, неетички и недозволиво.
Но, знаете и што друго уште не во ред? Однесувањето на одредени деца. На оние „принцови и принцези“ кои имаат синдром на Бог, затоа што од дома постојано ги тапкаат по рамо и секојдневно им всадуваат во главите дека се најубави, најпаметни, најдобри, најспособни!
Задоени од мали нозе со его кое расте како квасец на топло, овие одредени деца, иднината на нашата држава, се изгубени во реалноста, невоспитани, распекмезени.
Еве јас ги гледам сосема објективно и мојата перцепција и онаа на некои родители се разидува.
Тие или не можат или не сакаат да видат какви им се децата навистина.
Заслепени од некаков си престиж и желба за моќ и доминација, практично ги „буцкаат“ децата да се однесуваат така.
„Која е па таа, дојдена од којзнае каде, ќе ми кажува нешто на мене и на МОЕТО дете како да се однесуваме? Немој да свртам еден телефон и да добие отказ! Ти само јави ми сонце ако има некој проблем. Мама ќе дојде, ќе ги реши сите. Тато ќе дојде да им се развика исто на сите, од чистач до директор, да знаат кои сме ние!“
Па браво. Прекрасно. Децата немале почит кон авторитет. А како да го имаат? Вие ги убедувате дека може да газат сè пред себе. Немаат почит, ниту страв. Напротив, голем дел од нив (чест на исклучоци) како да се дојдени во училиште за да се изживуваат врз песоналот.
„Извинете наставничке, од кај ви се кондуриве, ама се селски, се гледа дека се евтини. Лоша ви е фризурата, сигурно не сте платиле поише од двестотче. Леле, колата ви е канта, мене патикиве и блузонот ми коштаат поише!“
Не секој просветен работник е цвет за мирисање, ама кутрите исклучоци што се добри и квалитетни мораат да трпат невоспитани ученици за неполни 400 евра месечно. За тие трауми не е доволен ни 1.000 евра надоместок.
Ама некој ви ја дал таа моќ. Сте донирале нешто за училиштето, сте купиле некаква си табла, сте дале придонес за варосување, за реновирање на тоалетите…
Со парите сте успеале да купите некаков вид на премолчено одобрување за вашето лошо, „неандерталско“ однесување што го рефлектираат и вашите деца. Па затоа мислите дека нема ништо погрешно во вашето и во нивното однесување.
Затоа што ви се молчи. Го нема тој јунак да ве стави на местото каде што припаѓате. Во колоната на малограѓани, покондирени тикви што со малку пари мислат дека ќе го купат светот и сите луѓе во него.
Па, така вашите принцезички и принцови се најдобрите ученици, со сите петки. Тие се пофалените. Тие се заштитените. Тие можат сè.
Тие може да му го загорчат некому денот и животот, а кога на тој некој толку ќе му прекипи што во афект ќе изговори еден несоодветен збор тие се страшно навредени, понижени и фрапирани.
Само уште некој да се фрапира од нивното и вашето недолично однесување кое никако на доаѓа на дневен ред.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело