Кога децата се болни, боледување „треба“ да земе мама, а не тато – така ли е?
Стојам зад тврдењата дека и тато може да смени пелена, и тато може да му даде на детето да јаде, и тато знае како да му даде лек на детето. Но, во суштина се чини дека во најголемиот дел од случаите на мајката ѝ остануваат „валканите“ делови од родителството.
„Премногу долго ги чувавте децата дома, доцна ги пуштивте во градинка, сега додека да стекнат имунитет, често ќе ви се разболуваат“ – со овие зборови матичната лекарка ја објаснува ситуацијата во која што често се наоѓам во последниот период.
Децата се разболуваат на секои две недели. Таман едно се подисправило, другото овенало... И се така во круг. Со месеци..
Па пандемија, па изолации... Па настинки, па температури заради заби, па температури поради воспаление на уво... Па вакцини...
Не можам да ги добројам деновите кога не сум можела да одам на работа, а сум работела од дома или сум земала боледување, затоа што правилото се знае: Кога децата се болни боледување зема мама, а не тато...
Знам дека јас како мајка сакам да бидам тука за моите деца и дека самата сакам да се грижам за нив, но има денови кога е за нешто поситно и знам дека би можела да се потпрам на сопругот, но тој вели: „кога се болни децата, не им требам јас, им треба мајка“.
Исто така, особено биле тешки миговите кога сосема сама сум требала да се справувам со болни деца, без ничија помош.
Се прашувам зошто е тоа така? Зошто во ова модерно и рамноправно општество во кое мајките понекогаш подеднакво, а понекогаш и со повеќе, придонесуваат за семејствата и тоа не само на финансиски план, најчесто се подредени на тоа да бидат тие што треба самите да ја водат примарната грижа за децата?
Врв на сè се веќе излитените фрази: „Мајката најдобро знае што му треба на детето“ или „Детето си бара мајка“.
Мајките реално не се раѓаат со програмиран чип во главата за тоа што сè треба да се направи кога детето им е болно.
Освен советите на лекарите, се вклучуваат во групи за мајки, учествуваат во форуми, бараат информации на интернет, а детето подеднакво ги бара и двајцата родители.
Стојам зад тврдењата дека и тато може да смени пелена, и тато може да му даде на детето да јаде, и тато знае како да му даде лек на детето.
Но, во суштина се чини дека во најголемиот дел од случаите татковците се тука за да играат фудбал, да се забавуваат, а на мајката ѝ остануваат оние „валканите“ делови од родителството – нечистите пелени, валканите алишта, бањање, чешлање...
Секако, не дека кај сите семејства е исто и не дека нема такви татковци што не се вклучуваат во грижата за децата. Но, да бидеме искрени, колку такви татковци познавате? Еден, двајца, пет, десет?
Пред извесно време имаше едно барање во групите за мајки на Фејсбук каде што сум член да се избришат профилите на татковците. Зошто? Затоа што мајките не можеле отворено да говорат за сопствените проблеми.
Искрено не коментирав, но се ми се чини дека оттука всушност потекнуваат и сите проблеми. Не говориме отворено за тоа со кои проблеми се соочуваме. Самите ги делиме работите на „машки“ и на „женски“.
Од една страна сакаме помош, а од друга можеби и не знаеме како да ја побараме. Можеби сме свесни дека како жени и како мајки имаме потреба од тоа сопругот да биде вклучен во секој аспект од одгледувањето на децата, а кога ќе дојде мигот за првото бањање на бебето, помош бараме од свекрви, мајки, снаи, сестри, сосетки, со друго зборови - од сите, но не и од сопругот.
Кога ќе дојде ред за менување на пелената, обично тоа го правиме сами, затоа што тоа е мошне сложено и комплицирано за мажите.
Сами бдееме на децата додека плачат во првите месеци, а сопрузите или се селат во другата соба за да можат да спијат (ова го говорам од примери од пријатели што ги познавам) или ти викаат: „Ајде дај му да цица на тоа бебе и нека престане да плаче...“
Секако, секоја чест на оние татковци што стануваат во 3 по полноќ за да затоплат млеко, ама ретки се! Секоја чест и на татковците што земаат породилно за да бидат со детето во првата година од животот.
Секоја чест на татковците што земаат боледување заедно со мајката или сами, кога децата се болни и затоа што знаат дека треба да бидат тука за да ѝ помогнат на сопругата...
За крај што да кажам, освен она можеби најбитното: Мајките се тука за децата и секогаш ќе земат боледување кога некое од нивните деца ќе биде болно, но некогаш и на мајките им треба некој да се грижи за нив.
За џабе не се рекло, потребно е цело село за да одгледаш дете, а ако немаш цело село околу тебе, тогаш потребен ти е партнерот.
И да, кога детето е болно, не треба само мама да земе боледување и тато треба да биде тука, ако не за друго, барем да помогне детето да се чувствува посигурно.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com