„Ќе трпиш, инаку ќе те направи психички нестабилна и ќе ти ги земе децата, каде ти беа очите кога го бираше?“
Ќути, што ќе речат роднините, ќути, ќе ни се смеат комшиите. А каде ќе се вратиш? Имаш ли малку памет? Од што ќе живееш? Ќе те прогласи за психички нестабилна и неспособна и ќе ти ги земе децата. Или ќе ти ги тупне децата, нема да му ги видат очите и ќе ти растат без татко. Тоа ли го сакаш? Па каква мајка си ти? Издржи, ајде, стисни заби.
Лесно му е на него, маж, ќе си најде друга за 3 дена и таа ќе му роди уште 3 деца. Тебе кој ќе те гледа, кој ќе те прибере, кој ќе те земе. Ќе останеш на улица, посрамотена и сама.
Кој ќе ти го јаде срамот? Не, не може да се вратиш дома. Имаше очи кога го бираше, сега е веќе доцна. Не, нема да ти дадеме помош. Не, трпи си. На, голтни некое апче за смирување.
И така си трпиш и си голташ солзи. Душата ти се исполнува со горчина додека не се отруе. Срцето иако планина, еден ден ќе препукне. А ти молчиш кога сакаш да истуриш порој од зборови поради неправдите. Се смееш кога ти е дојдено до плачење. Многу народ околу тебе, а толку сама.
Премолчуваш навреди. Ги игнорираш шлаканиците. Измислуваш приказни – бев несмасна и паднав, се сопнав. Случајно се удрив. И силно веруваш дека тој е добар. Дека ќе се смени. Дека те сака колку и ти него. И дека љубовта е доволна.
Уште малку, додека да пораснат децата. Ајде, уште само малку. Ќе издржам, се бодриш силно себеси додека длабоко тонеш во бездната од која нема враќање. Срамота е, што ќе речат другите? И уште побитно – каде ќе одам? Што ќе правам сама?
Родителите не сакаат ни да слушнат. Ти си го бирала, твој си е. Да, мој е. Не дека некоја друга би го сакала ваков. Стресот се трупа секојдневно, тој е неплатени сметки, тој е стравот како ќе се скрпи месецот. Тој е удирање силно по масата додека се руча, тој е силни викотници додека децата се кријат во собите и немо слушаат.
Тој е задушен плач, тој е скриени солзи. Тој е сомнителен женски парфем кој го обвива како облак или дамка од туѓ кармин на кошулата. Тој е стравот од прашување – каде е, со кого и зошто?
Тој е сè што заработувам додека го контролира некој друг и немам право на никакво мислење и никаква одлука во домот и семејството. Тој е бесот кога пркосам, а потоа инстинктивно се покривам со рацете преку лицето за да не морам да смислувам нова приказна за нова лузна.
Тој е лош дури и во најдобрите денови кога се смее. Затоа што тогаш тортурата е психичка, каде бев, со кого, зошто сум се задржала толку и каде се тие 500 денари од паричникот?
Тој е зло. Тој е оној што ми го зеде мирот, ме држи заложник мене и моите деца, а јас немам глас да викнам, ниту пак раце кои би се подале кон мене за помош.
Тој е сè што морам да преживеам додека децата нè пораснат и не го напуштат домот. Тој е некаков судбоносен долг што очигледно морам да го отплатам, затоа што веројатно сум била многу лоша во некој од претходните животи.
Уште малку и ќе почнам да му верувам – дека сум наивна, глупава, идиот, неписмена, грда, мизерна.
Тој е сонот што се претвори во кошмар…
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело