Порано живеев во мало гратче, сега живеам во Скопје – што ми недостасува, а што не?

Од гратче со 30.000 жители со се околината се преселив во Скопје. Сега 15 години подоцна, размислувам што е тоа што ми недостасува, а од што ми се „ежи кожата“ кога ќе се сетам.

Porano-ziveev-vo-malo-gratche-sega-ziveam-voSkopje-sto-mi-fali-a-shto-ne-01.jpg

Во Скопје дојдов на студии во 2005-тата и тука останав. Не дека така сакав, едноставно така се случи. Искрено и не верував дека на последниот ден кога дипломирав ќе ми биде понудено вработување поради што ќе морам да се вратам во Скопје, а ниту пак сонував дека тука ќе се омажам и тука ќе засновам семејство.

Сега, 15 години подоцна, нештата во голема мера се различни. Во Радовиш одам ретко. По смртта на мајка ми речиси и да не сум била, затоа што нема што да правам таму, животот ми е овде.

Ама сепак, има некои работи што ми недостигаат.

Искрено, во Скопје, прво и основно што ми пречи (и за што ми требаше долго време да се навикнам) е тоа што за секоја потреба треба да размислувам за превоз.

Во Радовиш со оглед на тоа што сè е блиску и сè е некако на дофат, ако одам, реално не ни размислувам дека ќе ми биде потребно превозно средство.

Доколку нешто е подалеку (над 15 минути пешачење според тамошни стандарди е далеку) можеш да земеш такси или пак да се движиш со велосипед или секако да пешачиш.

А пешачењето е доживување само по себе, на секој чекор ќе сретнеш некого што го познаваш, ќе застанеш ќе си направиш муабет, ќе се видиш, ќе се договорите да одите на кафе...

Во Скопје тоа ретко ми се случува. За да се видам со пријателите и со оние што сакам да се видам треба однапред да се договорам, да утврдиме точно каде ќе се најдеме, а тоа само по себе подразбира наоѓање превоз, па ако си со автомобил, барање и паркинг итн. (Сепак, се тешам – Скопје не е Лондон или Њујорк, замислете како им е на нашинците што живеат таму.)

Со други зборови, ми недостасува блискоста меѓу луѓето, ми недостасува постојаната комуникација и бавниот живот.

Но, не ми недостасува тоа што нема или има многу малку различни профили на луѓе. Тие што се различни и што отскокнуваат од средината често се со етикети, оцрнети или неразбрани од средината. И да, тоа не ми недостасува воопшто, затоа што сметам дека луѓето не треба да ги цениме според надворешниот изглед, според професијата или според тоа од кое семејство потекнуваат.

Понекогаш ми недостасува тишината и мирот. Ми недостасува близината до природата, свежиот воздух, мирното секојдневие. Но, иако не го сакам асфалтот и бетонот во Скопје и не ја сакам бучавата, сепак го сакам Градскиот Парк, го сакам Водно, ја сакам околината. Со други зборови и тука научив да наоѓам места што барем на миг ми нудат мир и спокој.

Ми се допаѓа што тука постојано имам каде да одам. Ми се допаѓа тоа што има бројни културни настани, што има различни можности за сите луѓе што сакаат да излезат и не сум обврзана денот да го поминам „на кафе“ во кафуле.

Ми се допаѓа што тука можам слободно да излезам без шминка, во спортска облека, што не морам да трошам по цел час на дотерување и на облекување.

Во Радовиш беше просто невозможно да излезеш од дома без да потрошиш време на изгледот, сите те гледаат и веднаш си мета на озборувања. Тоа не значи дека се запоставувам, но во Скопје не е чудно што наместо со фустан и дотерана, одбирам да носам фармерки и маица и да бидам пред сè комотна.

Знаете, со текот на времето, забораваме на некои работи. Како излегувате од една средина, заборавате на правилата што важеле таму. Пред неколку години додека ќерка ми беше уште бебе, бев во Радовиш на посета и решив да излезам и да ја прошетам со количката.

Нормално, облеков фармерки, маица и патики – по скопски стандарди. Без шминка, со растурена пунџа и ете, доволно е си реков – важно сум чиста, пристојна... Ама роднините прво ме прашаа каде ќе одам таква, па нели е срамота ваква да одам низ Центар... Па сите ме знаеле... Е, да – тоа ич не ми недостасува.

Исто така, сега, откако сум мајка, на малата средина почнувам да гледам од поинаков аспект. Кога ги слушам приказните за тоа како растеле сопругот и моите врсници, некако сè ми се чини дека поголемиот град значи и поголема опасност.

Ако во Скопје децата одат со родителите во училиште практично за време на целото основно образование, јас одев сама во училиште од прво одделение. Го знаев патот, знаев како да внимавам на сообраќајот и тоа беше доволно.

Ми се чини дека сум растела побезгрижно и моите родители немале толку голем притисок... Но, од друга страна пак, сфаќам дека на моите деца тука можам да им дадам поголеми шанси за напредок, од типот на образование, хоби, курсеви. Иако, пак ќе кажам, мора да им бидам роб подолг период, да ги разнесувам, да внимавам на нив.

Ми недостигаат блиските и роднините, но не ми недостига тоа што за секое случување биле присутни да го искажат своето мислење, да ме критикуваат или да ми посочат дека треба да внимавам „што ќе каже народот“.

Знаете, кога дојдов во Скопје имав глупава навика да шепотам кога говорам, особено ако говорам за нешто што не сакам да се дознае. Тоа беше навика што со мајка ми со години сме ја практикувале – ако не сакаме да не дознаат.

Сега 15 години подоцна се чувствувам како конечно да се ослободив од стегите и да си го вратив гласот.

На крај кога ќе се собере сè, им завидувам на луѓето што одлучиле да останат таму и што избрале да водат мирен живот.

Јас од друга страна пак, сега мислам дека никогаш не би можела да се вратам и да останам таму. Иако, можеби нештата би биле многу поедноставни и полесни – сепак никој не вели дека полесниот пат секогаш е исправниот пат по кој што треба да чекориме.

На крајот на краиштата, во овој свет има место за сите нас, а ние избираме каде сакаме да бидеме – без разлика на туѓите мислења или осудувања. 

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Скопје мое! Те сакам тебе и твоите липи на Партизанска, јапонски цреши на Максим Горки и калдрмата в... Ах, тие твои магични кафулиња на секое ќоше, сончевите денови, Воднооо, Градскио...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg