Скопската шема во 90-тите
Колку пати сте се нашле во ситуација кога ќе се решите да излезете во Скопје, да не знаете каде да одите. Дали скопската шема станува се поизлитена и поздодевна?
На крајот завршувате со мислата „Ех, што убаво беше во наше време...“ А што тоа беше убаво во наше време?
Каде излегувавме во 90-тите и каква беше шемата?
На кратко преглед на топ местата кои беа хит и каде се излегуваше со мерак, а што се променило - проценете сами.
Во 90-тите сите места функционираа благодарение на неколку менаџери кои ја вртеа истата шема - летно време едно диско или кафуле, зимно време друго. И тие беа тие. Се знае кои беа скопските менаџери кои не радуваа со гратиси - за машки плави, за женски розеви.
Ни се ближи летото, па да се сетиме за каде се спремавме во овој период. Во главно, почетокот на летната шема ја означуваше отварањето на летното МНТ или Ла фабрик (како милувате повеќе). Напикани сите во подрум се буткавме за да успееме да влеземе во диското каде ако ништо друго навистина се играше и забавуваше.
Оние кои не успеваа да се протнат легално на врата, знаеа да се прекачуваат и да влезат преку кровот од надвор. Ова особено кога се воведе законот за забранет влез за под 18 години.
Паралелно со МНТ едно време функционираше УНА. Е, ова е местото за кое до ден денес е нејасно зошто стана толкав хит?
Сè на сè Уна зафаќаше не повеќе од 30 квадрати, ама овде шемата се вртеше на тротоарот пред УНА. Музиката си ечеше од внатре, а на тротоар - гужва не може да се размине човек.
Околу 11 почнуваше шемата во BOULEVARD. Ова беше едно од ретките места каде имаше и џуниор и сениор забави. Boulevard имаше зимска и летна шема со мало, но вкусно направено терасиче. Овде можеше да откачите и да пеете на караоке (не можам да се сетам дали имаше награди) и важеше за место каде излегуваа поквалитетни луѓе. Ако успееш да останеш на сениор - е тогаш си жив среќен што ќе се дружиш со „големите“.
Ако не успееш да влезеш во BOULEVARD можеш да си ја пробаш среќата во Decorum. Културно местенце со културни забави кое никогаш не се испопуларизира доволно, но сепак го биеше добар глас.
Овие беа хит во оној преоден период пред да почне шемата во парк. Во парк се смениле многу работи од тогаш.
И овде имаше шема џуниор и сениор. Ако одиш на џуниор заради гужвата ќе влезеш во 22.30, а веќе во 23.30 почнуваат да те бркаат за да дојдат „старите“. Ама ти си жив среќен пошто си успеал да се шмугнеш и да поиграш на Mambo No. 5.
Можеше да бираш меѓу Street - диското кое изгледа го имаше уредено некој со остатоци од стар мебел од дома. Се сеќаваме на некое зелено светло, голема диско топка, кауч, фотељи - вака коа ќе се сетиш изгледа страшно, но местото си имаше свој шмек и убавина.
После некоја година го реновираа во Ла Гараж и беше едно од најдобрите дискотеки на два спрата со неколку кафези за играње кои верувале или не секогаш беа полни.
Во ова време не беше срамота да се соблечеш бос во диско и да играш колку ти душа сака. Од Ла Гараж стана Елемент и се вртеше истата шема која се тераше и во зимското Елемент.
Кабрио беше диското со базенот. Овде се тераше вистинската шема од постарите. И таму не смееше да влезе било кој. Богами и не се осмелуваше да влезе било кој.
Од карши имаше едно лето обид, работеше дискотека Blue Corner, или некои ја викаа Арена. Од тогаш на местово никогаш немало обид да се направи нешто ново.
Во ова време, на местото пред сегашен Техномаркет во парк, работеше Парадизо. Ова беше местото каде се движеа фаците од градот. Влез не се наплаќаше, ама сепак беше тешко да пристапиш ако не се познаваш со некој од менаџерите.
Интересно беше што во ова време сите беа секогаш расположени, во градот навистина се играше - по столчиња, столбчиња, ѕидчиња - кај ќе стигнеш. Дотерани девојчиња во Phard шема и дечки во Diesel. Ако немаш едно
вакво парче не си главен. Ама и ова си имаше своја убавина.
Оние вистински ноќни птици можеа да уживаат до доцните часови во Хипнотик во парк. Овде секогаш ечеше српско ама не беше важно затоа што тука можеш комотно да останеш до 6 саат сабајле и око да не ти трепне. Зимно време ваква шема се тераше во Резиденс на Водно.
После диско задолжително одиш да јадеш во Аркадија, Кинг Бургер, Кај Попе или евентуално на клуб сендвич во Булс.
Од затворените места за излегување - Ако не си во МНТ, или си во Елемент, или во култното Аха. Е, Аха шемата беше друга приказна. Во тоа време се сметаше за „свето“ место. Мислам дека луѓето кога наздравуваа викаа да ни е живо и здраво АХА што ни постои.
Најјака подрумска шема се тераше во Сачмо во Буњаковец. Почна со шминкерски тип на журки, за на крај да стане ептен хард кор место.
Кога сме веќе кај подрумите нема смисла да го испуштиме Subway. Место кое функционираше одлично - секогаш имаше супер луѓе, екстра музика и одлична журка. Изгледа дека локацијата во тоа време на никому не му беше важна, сè додека може да биде окружен со расположени луѓе.
Ако те фати пат накај ГТЦ немаше промашај - Софка, па Баракуда, или ако таму не успееш да влезеш, си дремеш во Контитент.
Ако си од вистинските шемаџии секој викенд задолжително си во Стоби и Змија. Две конкурентски места, но секогаш функционирале топ и беспрекорно добро. Да сме живи и здрави сега Стоби ни го враќаат во шема, а дали ќе биде шемата од времето останува да видиме.
Од страната на кеј едно од популарните кафулиња своевремено беше Дали. А, ништо чудно и да залуташ во Манда Роса на некое опасно караоке шоу.
Ух, за малку ќе ги испуштевме двете места каде се збиравме за најдобри свирки во градот - Сити Паб и Чех. Можеби првите две места кои нудеа нешто поинакво во градот. Дрвени клупи и маси во внатрешноста, одлични бендови, луѓе внатре колку ти душа сака и расположение секогаш на ниво.
Додека сме тука да не испуштиме уште некое од шемаџиските места кои во моментов ги имаме на ум: Златна Ружа, Тунел, Универзум, Шевињон....
И посебна почит за RING - едно од местата кое нудеше квалитетен ноќен живот без конкуренција.
Сигурно испуштивме уште многу, но ние би сакале вие да споделите со нас - каде вие ја теравте шемата во 90тите, што вам ви недостасува денес од ова време, каде со душа повторно би чекале ред за да влезете и да се журкате, што е она што денес не ви се допаѓа?
Сите ваши коментари ќе бидат собрани и надополнети во статијата.
И не заборавајте - шармот на градот го прават луѓето!
Автор: Е.П. | Црнобело