„Јас кажувам сè во лице - Не, не си искрена, туку си дрска и безобразна“

Тенка е линијата помеѓу „ќе бидам искрена на твоето прашање кое ми го упати директно мене и ме замоли за одговор“ до „невоспитано, цинично и огорчено суштество кое само чека да му го расипе животот на некого само затоа што и нејзиниот е целосно расипан и мизерен“.

Tenka-e-linijata-pomegju-bolno-iskrena-01.jpg

И вистината секогаш треба да исплива на површината, ама има време, начин и тон со кој се соопштува. Оние кои умеат да го направат тоа на пријателски, културен и фин начин се добро воспитаните луѓе.

Оние кои одвај чекаат да ви ја плеснат фамозната вистина во лице на грд, недобронамерен, суров начин, ситејќи се на вашата мака, обраќајќи ви се цинично и арогантно, се невоспитаните луѓе. Но, простете им, и самите се токсични и живеат огорчено, па се надеваат дека со ова однесување ќе им го расипат животот и на другите во истата мера како што е мувлосан и нивниот.

Навистина, има време и начин. Ајде сега на тазе породената мајка да ѝ се внесеме во лицето: Лелееее, колку си подуена! Не изгледаш воопшто добро. Ќе имаш голем проблем додека да го симнеш вишокот килограми! Е дури сега нема да видиш бел ден, ни одмор ни спиење.

Навистина, што да се одговори на ваквите „болно искрени“ душегрижници? Останува само да се им се насмееш на глупоста, бидејќи ваквиот човек не се менува.

Едно е да побараш искрено мислење од некого. Сосема друго е кога тој го дава неповикано. За нечиј физички изглед. За нечија нова фризура или фустан. За нечии туѓи проблеми кои тебе не те засегаат.

Демек, ги решивте сите свои недоумици и маки, па ајде да ги решиме и туѓите.

Имам пријателка која е добра, мила и речиси секогаш насмеана и добро расположена. Но има луѓе на кои очигледно тоа им пречи. Дури и на нејзината најмала слабост, тие се подготвени да ѝ го уништат денот со нивната „искреност“, иако никој не ги прашал ништо.

„Леле, зошто ти е вака грозно исфрлано лицето? Да не јадеше нешто лошо? Да не ти е алергијата? Хормоните да не ти се?“

За некои, ова е тоа „болно искрено однесување, без влакна на јазикот“. За мене лично е дрско, безобразно и ја преминува границата на добриот вкус и културното однесување.

Кој е тој речник – лицето ти е грозно? Сериозно, девојката има огледало дома, секако дека се погледнала пред да излезе од дома. Свесна е за проблемот. Не ѝ требаш ти „без влакна на јазикот“ за да ја потсетиш како изгледа нејзиното лице денес.

Секој може да истакне нечии туѓи маани. Сите ги имаме. Не е некоја посебна вештина или уметност. Имаш да кажеш нешто лошо за мене? Погоди што? Имам да кажам уште толку лоши работи за тебе. 

Или колку тежи. Колку се здебелила или колку ослабела. Или зошто сè уште е немажена и кога планира да го смени статусот. Или коментари од типот колку ли е тешко да си разведена. Или самохран родител.

Или како е да се живее со толку мала плата. Или со толку многу пари. Или зошто нема деца. Или зошто има само едно. Или со кој памет зела, па родила три. Ти стига ли платата за три деца? А зошто не се шминкаш? А зошто ставаш толку многу шминка на лицето? А зошто не јадеш месо? А зошто јадеш толку многу месо?

Добро е понекогаш болната искреност да си ја зачувате за себеси. Молчењето е злато. Насмевката е убава. Пораснете во нечии туѓи очи. Бидете луѓе.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело 

Би можело да ве интересира:

Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg