Мајка сум на две деца - зошто мразам кога луѓето ме прашуваат зошто децата ми плачат?

Влегувам во преполна продавница во Скопје, а таму сосетката пред сите ме прашува: „Леле, зошто твоето дете синоќа толку плачеше?“ - Затоа што му се плаче, затоа што е дете... Што требаше да одговорам!?

Koga-decata-pochnuvaat-da-plachat-vo-javnost-a-drugite-pochnuvaat-da-ve-gledaat-chudno-01.jpg

Нема родител што не се соочил со ситуацијата детето да му се расплаче во јавност, да бара играчка, сладолед или нешто друго...

Нема родител што не се почувствувал дека во тој миг би било подобро „да се отвори земјата и да го голтне“ отколку да се соочува со изливот на бес на детето пред него. А нема ни родител што не почувствувал како другите го гледаат што се случува, а некои и отворено коментираат.

„Види го разлигавено“, „Не јадело ќотек затоа е такво“, „Што му направиле па толку да плаче?“, „Зошто плаче?“ – ова се само дел од коментарите што може да ги слушнете.

Прво ќе ви дадам одговор на последното прашање: Понекогаш ниту ние како родители не знаеме зошто децата ни плачат – најверојатно им се плаче.

„Докторке зошто бебето само плаче и цица и ништо друго не прави? Ова беше фамозното прашање што мојот сопруг ѝ го постави на лекарката во Советувалиштето за здрави деца една недела откако се роди ќерка ми. Докторката, го погледна, па му вели:
„А што треба да прави бебе на една недела, да чисти по дома? Па тоа му е работата сега, да плаче и да цица“.

Оттогаш се поминати 4 години, за оваа случка често се шегуваме, ама се чини дека како родители сѐ уште не се навикнуваме на плачењето на децата, ниту пак верувам дека некогаш ќе ни биде сеедно кога ги слушаме нашите деца како плачат.

На ниту еден родител не му е лесно да си го слуша детето како плаче, па не е важно дали тоа е нормална појава или не.

Особено тешко паѓа кога тоа се случува во јавност. Детето вреснува во плач, а сите околу вас ве гледаат – небаре вие сте виновни што детето вреска, што му направивте? Се срамите затоа што сите гледаат во вас, посакувате „да се отвори земја да ве голтне“.

Се обидувате на сите можни начини да го смирите детето, без притоа да подлегнете на неговите барања, затоа што, пак, од друга страна потоа плачењето ќе стане метод за изнудување – ако еднаш детето научи дека со плачење може да го добие тоа што го сака - со плачење ќе изнудува сѐ што ќе посака.

Како мајка на двегодишно и на четиригодишно дете во моментов се соочувам со навистина интересна ситуација – на малото дете омилен збор му е „не“, а на поголемото „мое“.

Јасно ми е: и двете деца на тој начин се обидуваат да покажат дека имаат свој став и дека сами можат да изберат што сакаат да прават или да добијат, но некогаш тоа станува навистина напорно, особено кога гледате дека прават нешта со кои што може да се повредат или бараат работи што не се соодветни за нив.

Така одбивањето на едно лижавче во продавница може да резултира со плач. Одбивањето да одиме во зоолошка кога треба да се оди во градинка исто... Пак ќе кажам тоа им е работа на децата и тоа е составен дел од растењето.

Сепак, мене повеќе ме интересира зошто другите нè обвинуваат и нè гледаат чудно кога децата плачат.

Пред некое време ќерка ми не беше добра, па се разбуди вечерта доцна и навистина гласно плачеше. Имаше инфекција на увото, а една од честите реакции во таква состојба е и ненадејното будење и неутешно плачење во сон. Едвај успеав да ја смирам, бев будна цела ноќ до неа, внимавав на температурата... Утрото, околу 7 и 30 со трчање отидов да земам супа, чај и некои други работи што ќе ми бидат потребни, а сосетката влегува во преполна продавница и ме прашува: „Леле, зошто толку многу ти плачеше детето? Дури и ние го слушнавме?“

Тогаш не реков ништо, навистина бев преморена да објаснувам, само реков дека ќерка ми не е добра, но имав што да кажам...

Прво, навистина е невкусно некого да го прашувате во преполна продавница што му се случува дома. Второ, пак ќе прашам, што работа имаат малите деца? Трето, дали на мајката што и сама не знае како, ама се труди да најде решение за ситуацијата, треба да ѝ додавате сол на раната и наместо да ѝ помогнете, треба да правите да се чувствува уште понемоќно и понеубаво?

Некогаш и најневините коментари кога си преморен, ненаспан и уплашен, ти делуваат непријателски настроени. Да знаев зошто плаче, немаше цела ноќ да бидам будна и да се тресам...

Кога сме кај плачењето на децата, веќе класика се и оние повозрасните што знаат да кажат дека децата ни се „разлигавени“.  Па така, користејќи се со фразата „не ги тепате децата – па затоа ви се лигави“ сакаат да ви дадат совети „дека ќотекот излегол од рајот“, демек така, на тој начин магично ќе го смирите детето и ќе прескокнете цела фаза од неговиот развој. 

Децата растат, а плачењето е составен дел од растењето. Не дека како родители ќе ни биде сеедно кога ги слушаме како врескаат, ама со текот на времето се учиме да отрпнеме, да не ставаме сè на срце. Таман додека да пораснат ќе се навикнеме. Што сакам да кажам со сето ова?

Дека не сте сами и не сте единствени. Не сте единствени родители што поминале низ такви ситуации, ама најверојатно таквите ситуации се забораваат.

Можеби затоа токму луѓето што веќе имаат големи деца пак ве гледаат чудно и ви коментираат или ве прашуваат: „А зошто ти плачеше детето?“

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело

фото: Freepik

Би можело да ве интересира:

Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg