Најпознатите македонски суеверија: Чукни во дрво трипати, гаќи наопаку против уроци, црна мачка носи несреќа
Ако и вие, како и јас, сте растени со баба, тогаш и вие поголемиот дел од детството сте го поминале со гаќичките или маицата наопаку, бидејќи, како што велат нашите сакани старици, тоа ќе нѐ спаси од зли очи, од уроци.
Уште една успешна техника која брани од уроци е поплукувањето, и тоа три пати, бидејќи во спротивно ти летна убавината, среќата,иднината. А сите деца кои скришум сакаат да се напијат од кафето на мама треба да внимаваат бидејќи, баба вели, ќе им порасне опашка како на мајмун.
На редовна база баби ми ме попрскуваше со света вода, која ја криеше од нас, како да е злато, за добро здравје. А ако си девојче, не смееш да ја лижеш мaталката од миксерот кога таа прави слатки, бидејќи тоа ќе ти донесе дожд на свадба.
Дали суеверието е само народно верување?
Суеверијата се дел од нашата стара македонска култура, секогаш постоеле како непишани правила за живот и добро здравје пренесувани од колено на колено од нашите баби и прабаби. Понекогаш овие суеверија будат страв, бидејќи нивното неисполнување значи дека нешто лошо ќе се случи, некој ќе се разболи, ќе ја изгуби работата или сакана личност.
Овие народни верувања често немаат логично објаснување, но се длабоко вкоренети во нашата традиција и култура. Богатата ризница со македонски суеверија сведочи дека ние, Македонците сме народ кој навистина верува во нив и ги практикува во своето секојдневие.
Верски суеверија: На празник не се пере
Некои од суеверијата на баба ми се поврзани со црквата и верските обичаи, па според неа никогаш не се перат алишта на празник, како што таа вели, на Голем празник посветен на некој светец.
Ова донекаде и има свое објаснување, порано облеката се перела на раце, а тоа е макотрпна работа посебно во селата, со носење вода од бунари или на река, но таа и ден денес, со машина за перење дома се води по ова старо народно верување.
Во петок не се јаде месо, се пости, верувам дека многу баби и мајки го практикуваат истото, и дека традиционален петочен ручек е тавче гравче.
Уште едно народно верување е дека на Велигден мора да се влезе во црква со нова облека. Ова суеверие и јас го практикувам, културата наредува да одиме на шопинг за Велигденските празници.
Фрли вода за лесен испит
Додека студирав, пред да одам на полагање на испит, веднаш штом ќе слезев по скалите, таа истураше вода, вели за испитот да тече лесно како што тече и водата. И никогаш не паднав испит, со што се потврдува дека оваа суеверие навистина функционира. Истото важи и за патување, секогаш истураше вода за патот да тече лесно како водата.
А кога некој од семејството патува со авион, таа не го мете ниту домот, ниту дворот, вели дека тоа ќе му донесе несреќа, па метлата е на одмор додека тој не стаса на својата дестинација.
И верувам дека и вие знаете дека „промајата убива“ па не смеете да „шетате со гола кичма“.
На нероден Петко, капа не му се крои
Интересни се народните верувања поврзани со трудниците и новороденчињата, кои секако имаат цел да ги заштитат новите мајки и деца. Баби ми велеше дека девојка или жена која е во својот менструален циклус не смее да посетува новороденче, бидејќи ќе остави црвен белег на бебето. Исто така не смее да ѝ се рече НЕ на трудница, бидејќи ќе ѝ се наштети на бременоста, па секоја нејзина желба е заповед.
Јас имам мал белег на левата нога, и според мојата баба, тоа е бидејќи мајка ми украла цреши од соседите додека била бремена со мене. Според старото суеверие, ако трудницата украде нешто, казната е белег засекогаш на телото на нејзиното дете.
А сите ја знаеме онаа старата „На нероден Петко капа не му се крои“ што значи дека не се купуваат подароци и облека за неродено бебе. И секако, гледање на новороденчето само по 40 дена од неговото раѓање. Ова правило важи само во нашите краеви, додека во остатокот на светот роднини и пријатели трчаат да го видат бебето уште на првиот ден.
Верувам дека ова народно верување е македонска практика и дека е добро да се почитува за здравје на мајката и бебето. Во првите денови и двајцата се нежни и кревки, па многу посети можат да донесат опасни бактерии и вируси кои можат да го нарушат нивното здравје. И сега кога живеам далеку од Македонија го почитувам ова старо непишано правило.
Низата суеверија за новороденчиња продолжува со забраната на гледање во огледало до една година и јадењето риба додека не прозбори, иако навистина не гледам никакво објаснување за тоа.