Како да препознаете „непапучар“: Не менува пелена на детето, остава алишта каде ќе стигне - па за што се женел човекот?
Е, на оваа тема може да ви пишувам и пишувам со години, ама овојпат сакам да бидам колку се може пореална во отсликувањето на нашите „непапучари“, што секогаш им се потсмеваат на мажите што помагаат по дома и помагаат во грижата за децата, иако тоа е сосема нормално…
Како да препознаете „непапучар“?
Вистински „непапучар“ доаѓа дома, фрла клучеви од автомобил, пие кафе веќе оладено (што жена му му го направила) и се одмара од работа со доза спорт на мобилен. Може да си поигра со децата малку, да им фрли некоја топка или нешто во тој контекст и тоа е тоа.
Вистински „непапучар“ не менува пелена, затоа што тоа е потценување за неговата високо развиена интелегенција и неговиот статус на глава во куќата.
Вистински „непапучар“ остава алишта каде ќе стигне, па зашто се женел човекот, нејзина работа е тоа и така таа ништо не работи се занимава со децата по цел ден.
Вистински „непапучар“ чека на маса после работа жена му прво да го послужи со ракивче и салата да се дезинфицира (опасна е ситуацијава со вирусиве), па да му стави јадење и не дај Боже лебот да е вчерашен (се отепувам од работа за сув леб да ти јадам???).
Вистински „непапучар“ ги исмејува мажите и пријателите што не пијат, што помагаат по дома и не ја пропушта можноста да го направи тоа јавно, во друштво или во кафана.
Вистински „непапучар“ не знае како се користи шпорет (освен чат-пат кога треба да си свари кафе), не знае каде има чиста постелнина, нема поим како се мијат садови...
За вистинските „непапучари“ е неучтиво и некултурно сами да си го исчистат тоалетот. Тие се создадени за фини нешта, како на пример: играње стратешки игрици во мрежа, опсесивно следење автомагазини и сл.
Вистински „непапучар“ не седи во кафана да пие едно пиво, седнува и пие три оки ракија, се лади со пиво, ќе си се најаде, ќе си се нагости, а децата и жената дома нека му ја мислат...
И за крај да, ќе кажам: сите сличности со реални личности се намерни и не се измислени.
Е, така изгледате вие „НЕпапучарите“ во очите на нас жените што имавме среќа да си уловиме по еден „папучар“.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com