Корона вирусот можеби е најдобриот учител на сите времиња бидејќи нè потсетува што значи да се биде човек

Се обидовме ли да ја исклучиме 2020 година од струја и повторно да ја вклучиме за да се ресетира сето лудило кое нè опкружува периодов? 

Korona-virusot-najdobriot-ucitel-01.jpg

Конечно сфативме – корона вирусот не е играчка, не е шега. Уште да сфатат оние кои влегуваат во државата и притоа кријат од каде точно се враќаат, маскирајќи ги симптомите со парацетамол, доведувајќи ги во опасност своите најблиски, како и целата нација. И секако оние кои не може да издржат без дозата кафе и журкање. Но, и тие ќе сфатат.

Но, во секое зло има и добро. Верувам дека после овој огромен предизвик ќе излеземе помудри, посолидарни, со повеќе емпатија за другите околу нас.

Сведоци сме на вистински хаос во супер маркетите. Тоа создава неверојатен притисок и паника. Не трупајте намирници за цела една година. Јасно ми е, сите сме уплашени.

Но, верувајте, нема да умреме за јадење. Оставете простор да испазари и некој друг кој не располага со вашите ресурси. Многумина ја чекаат платата за да купат нешто за дома. Не оставајте празни полици зад себе во продавниците. Помислете малку и на другите луѓе.

Која е поентата да ја купите сета тоалетна хартија, целиот прашок, сите сапуни и средства за дезинфекција, кога вашиот сосед нема да успее да купи ништо од тоа? На крајот, ќе се возите во истиот лифт и ќе го притиснете истото копче. Попусто трупате резерви, само смирено. Има за сите.

Сепак, сфаќам и многу други работи. Сите тие долги, напорни и најчесто контрапродуктивни состаноци на работното место сега се сведуваат на кратко и јасно известување.

И повторно функционираме. Очигледно некој премногу сака да си го слуша сопствениот глас. Се надевам дека после короната ваквите безумни „состаночења“ повторно ќе се сведат на тој мејл. Зошто беспотребно трошиме време?

Многумина работиме од дома. И работата си врви, можеби со малку предизвици, но сепак се завршува. Значи слободно може да вработиме и луѓе со ограничени физички способности кои исто така би работеле од дома. Многу фирми може да го сторат тоа. Тие едноставно одбираат да не донесат таква хумана одлука.

Загрижени сме дали ќе останеме на работното место, дали ќе ја задржиме работата, дали ќе добиеме отказ, дали ќе примиме плата во полн износ… сега конечно сфаќаме како им е на луѓето со минимални плати, оние кои работат за дневници, најранливите категории кои најчесто ги гледаме како духови. Конечно сме во нивните чевли. И мора да признаеме дека не е ниту малку пријатно.

Периодов сме сите на рамениците на медицинскиот персонал, фармацевтите, продавачите, хигиеничарите, луѓето од услужната дејност… и ова е одлична шлаканица за нас. После целиот овој хаос, време е да си го преиспитаме пазарот на трудот.

Прочитав изјава на една мајка која бескрајно им се заблагодарува на наставниците. И се чуди како им успева да го поминат денот со 30 деца, секој ден по неколку часа, кога таа не може да се справи со своите 2 дома и да ги научи една единствена работа.

Да, тоа е професијата која исто така е целосно омаловажена во светот во којшто живееме. Просветните работници на кои сите заборавате, а се тука да ви ги едуцираат децата. Нема да биде лошо да се преиспитаат и нивните плати кога ќе заврши кошмарот наречен корона.

Сè уште нè зачудува човечноста и добрината кај луѓето кои се нудат да испазарат и да им помогнат на оние немоќните, ризичните категории кои се повеќе подложни на вирусот. Сега од прилика ја добиваме сликата за светот, како би изгледал тој, кога сите би излегле од меурот во кој живееме и конечно погледнеме што може да направиме и за некој друг, а не само за себеси.

Во време на пандемија, никому не му пречи зошто нема парфем, или соодветната боја на пудра за лице или некакви си фармерки. Сфаќаш дека ништо од тоа не е битно. Битно е да преживееш. Битно е да си жив и здрав.

И сите тие мали ситници кои си ги земаме здраво за готово, прошетка на сонце, дружбите со друштвото, прегратка со родителите, одеднаш сфаќаш колку се скапоцени. И ништо друго од материјалниот свет не е битно.

Да, верувам дека од сето ова лудило и хаос, од сето лошо, на крајот ќе излезе и нешто добро. А тоа е да се потсетиме што значи да се биде човек.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

 

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...
Жено, твоето премалку за некого е премногу – цени си го животот! Ти не си свесна, но имаш сè. Имаш човек што те љуби. Имаш луѓе кои за тебе би го...
27 работи што не сакате да ги слушнете (а сепак морате) Тоа што страдате повеќе од другите, не ве прави подобра личност. Тоа што стра...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg