Ќе те скршат, ќе се составиш, трошка си во Универзумот, а сепак целиот е во тебе
Велат, жив човек – жив ѓавол. Животот безмилосно ќе те удира таму каде што најмногу боли. Ќе се кине онаму каде што е најтенко. Ќе стиснеш заби и ќе буткаш. Никој не кажа дека ќе биде лесно или дека е фер. Не е. Затоа е живот, а не измислена бајка.
Ќе те скршат. И најдобрата другарка еден ден ќе ти го заврти грбот, онаа за која си мислела дека ти е блиска како сестра. Првиот дечко ќе те изневери. Ќе пече толку многу, што буквално ќе почувствуваш физичка болка во срцето, прашувајќи се дали ќе го дочекаш следниот ден со отворени очи и срце коешто сè уште чука.
Да, ќе дојде и тој момент кога ќе те разочараат и брат ти, сестра ти, родителите. Ќе се прашуваш -дали само мене ми се случува ова? Не си сам. Сите сме поминале низ истото.
Подеми и падови, препреки и заобиколни патчиња. Ќе бидеш нетрпелив да се вработиш, со несопирлива желба да постигнеш успех кој очигледно доаѓа премногу брзо и премногу лесно за сите останати, освен за тебе.
Ќе те скршат, биди сигурен и не залажувај се. Ќе те скршат другарите, девојката, домашните и туѓите. Општеството, животот кој те става во една огромна машина и те меле додека не остане зрнце од тебе.
Не дозволувај им. Не предавај се. Ќе паднеш и повторно ќе станеш. Ќе се исплачеш, па ќе ги избришеш солзите. Ќе ти го скршат срцето и повторно ќе го составиш, бидејќи е скроено да љуби и да биде љубено.
Ќе те скршат и тебе, целосно и безмилосно. Ќе те газат, ќе те навредуваат, ќе те нарекуваат со погрдни имиња, ќе ти се потсмеваат. Ќе се обидат да те убедат дека не вредиш, дека си заменлив, сосема обичен и небитен.
Не си. Некому му значиш. За некого си целиот свет. Причината за будење, причината за слатка несоница. Ти си причината за нечија насмевка.
Состави се. За себе и за тие другите. За оние на кои им значиш. Некој ја сака твојата светлина, бидејќи таа му го покажува патот. Некој друг ти ја сака темнината, бидејќи на тој начин му ги покажуваш ѕвездите.
И заборави на тоа да бидеш совршен. Не постои совршено. Каква илузија, човек од крв и месо да биде како некоја програмирана машина.
Само гледај да се составиш откако ќе те скршат. Држи ги нозете цврсто на земјата, а погледот насочи го кон ѕвездите.
Трошка си во Универзумот, а сепак целиот е во тебе. Живеј, вчера, денес и секој нареден е твојот ден.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: (О)Милена | Црнобело