„Дали ти вечер ќе легнеш со Марија или Марко е твоја работа, а не моја!“

Научив да се идентификувам со луѓето кои страдаат или оние кои што беа наречени црни коњи во трката, иако често знаеа да победат.

dali-ti-vecher-kje-legnesh-so-marija-ili-marko-e-tvoja-a-ne-moja-rabota-01.jpeg

Отсекогаш бев црната овца, уште од најмала возраст многумина се исмеваа на мојата добрина, ја искористуваа. Понатаму во животот имав проблеми со прекумерната тежина и тоа направи да се најдам во усните на многумина, за лошо секако. Можеби затоа научив да се идентификувам со луѓето кои страдаат или оние кои што беа наречени црни коњи во трката, иако често знаеа да победат.

Во оваа фирма се вработив пред месец и половина. Со мојата девојка се доселивме во нов град каде што требаше да започне нашата животна авантура за која отсекогаш сонувавме. Морам да признаам сите беа фини со мене. Колегите ме прифатија, ми помагаа да се вклопам, се чувствував како отсекогаш да припаѓам таму.

Со еден помлад дечко работевме на значаен проект, ми ја покажа програмата и имав чувство како да делиме исто интелектуално ниво. Беше навистина остроумен, интелигентен и добро ја разбираше работата. Откако успеавме да го завршиме проектот, дури и пред предвиденото време, го поканив да дојде на вечера, му кажав дека мојата девојка готви одлично и дека може да ја понесе својата за да имаме една вечера во парови.

Тој ми рече: „Немам девојка”, а јас брзоплето запрашав, „Сакаш да ја замолам мојата да договори некоја нејзина другарка за да ве запознаеме? Има згодни другарки, не грижи се!”.

Тој ме гледаше збунето, како да сакаше да каже нешто, но душата не му даваше, „Работата е во тоа што.... Јас... Јас сум... Јас сум геј”. Изговори и го спушти погледот во земја. „Ќе сфатам ако тука завршуваат сите наши разговори, само сакав да знаеш”. Го кажа тоа со вина како да убил човек.

Се почувствував глупаво што толку форсирав да му тупнам жена, ме фати неподготвен, искрено ме изненади, реков низ смеа „Сè додека јас не сум ти на радарот, затоа што сум straight како авионска писта, тогаш немаме проблем”.

Тој ми рече „Знаеш што, не си мој тип!”, продолжувајќи ја мојата шега.

„Сега се чувствувам навредено”, реков јас додека се обидував да не прснам од смеа, „Зошто мислеше дека нема да сакам да разговарам ако го споделиш тоа. Немој да ми кажеш дека другите поради тоа не работат со тебе?”

„Знаеш каде се наоѓаме, така... Во право си, поради тоа ме избегнуваат?”. Рече тој со тажен глас.

„Кому му е гајле каде се наоѓаме, што ти е грижа што ќе речат другите, треба мозок за да се разберат работите. Особено треба активација на многу неврони кои луѓето ги немаат за да се процесираат сигнали со поголема количина на информација. Ти си човек со вредности, сто пати ти имам кажано колку ја ценам твојата интелигенција и начинот на кој ги завршуваш работите тука, ова што го кажа не го менува тој факт. Ќе го мислев истото дури и прво да ми го кажеше тоа, а после да го сработевме проектот.

Се надевам дека некогаш, во светот, а можеби и во Македонија кога некој ќе изговори дека има различна сексуалност од онаа „нормалната”, тоа нема да биде реченица за наслов на таблоид, туку ќе биде игнорирано, како девојка платена да прави анкета на улица.

Знам дека тука пријателите може да ти го свртат грбот, соседите да те изедат, општеството да те нарече чудак, родителите да се откажат од тебе, но јас отсекогаш живеам со девизата да бидам искрен кон себеси, она што верувам дека е исправно и да го бодрам црниот коњ во трката.

Луѓето треба да сфатат дека не постои единствен, правилен пат, секој го наоѓа својот. Нешто што јас го научив многу одамна. Сите лееме солзи кога ќе не повредат, на сите ни тече црвена крв, сите бараме трошка разбирање и љубов од светот. Сите сонуваме за подобро утре.

Сите сме луѓе.

Тоа што во светот има растенија со една активна невронска клетка која повремено се дисконектира, во форма на човечки суштества, која не може да го испроцесира тоа, не е твој проблем. Ниту мој.

Нека ги изедат сите го*на и нека речат дека се гледаш со мене, затоа што јас те прифаќам каков што си. Девојка ми јако ќе се смее на тоа!

Најважно е да знаеме кои сме. Уште нешто ќе ти кажам најголемите хомофоби, според мене, се оние кои што не се сигурни во себе и се плашат да се најдат во околина на хомосексуални луѓе, во случај нивниот мозок, кој Бог знае дали го имаат, може да му текне да проба работи. Затоа се плашат.  Јас знам кој сум, зошто да ми пречиш ти?

Уште од мал ме учеле да ја славам љубовта, не да фрлам камења на неа. Дали ти вечер ќе легнеш со Марија или Марко, тоа е твоја работа, не моја. Како што тебе не треба да те интересира што правам јас со мојата девојка во креветот, мене не ме интересира што правиш ти или со кого правиш штом го куцнеш чипот за да си одиш. Јас те ценам затоа што си ти, не поради твојата сексуалност.

Се восхитувам на луѓето кои имаат храброст да се послушаат себеси. Да се борат за она што веруваат, без разлика што ќе бидат каменувани.  Има луѓе кои ќе те ценат, фамилија која треба да ја создадеш, пријатели кои ќе те прифатат и ќе слават се она што си ти.  Во ова време – невреме, треба да ја најдеш силата да се избориш за себе и за она што мислиш дека вреди.

Јас бев „лузерот” во очите на многумина. Дискриминиран онака без причина, од забава, си го мразев животот и посакував да ме нема. Но, најдов сон, се држев до него и еве ме.

Не се срами од она што си!

Ти благодарам што ја сподели својата приватна информација со мене, да знаеш мене тоа воопшто ништо не ми менува, тоа е исто како да си ми го кажал твојот датум на раѓање, добро е да го знам, но што ми менува?

Се надевам дека некогаш Македонија и светот ќе сфатат дека има луѓе кои се чувствуваат некако и дека чувствата не се управуваат.

Сега за вечерата, немам некој згоден, слободен маж за тебе, ако имаш момче слободно дојдете, ако не дојди сам, петок во осум, девојка ми е одлична во кујната, ветувам нема да умреме.”

Тој се насмеа, како да му дадов диплома, рече дека ќе дојде, како да му падна камен од срце.

Зошто бевме такви по природа, осудувачи, спремни за лепење етикети и мешање во туѓи животи. Зарем во време на милион полоши работи бевме способни да ја негираме љубовта помеѓу две суштества, без разлика во која форма се појавува и да ги деградираме луѓето од многу погрешни причини?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg